Фото: ЕПА

ВО ПРЕСРЕТ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Многу е тешко да се стигне до врвот, а да се остане таму е уште потешко, вели бразилската легенда, која се подготвува шести пат да игра на СП и која е најдобар стрелец на мундијалите, со 17 гола, а во 2019 година стана првата фудбалерка што постигнала гол на пет светски првенства, рекорд што подоцна го достигнаа Синклер (Канада) и Роналдо (Португалија)

Марта инсистира дека не барала никакви гаранции од селекторката на Бразил, Пиа Сундхаге, во врска со времето за игра додека се подготвува за нејзиниот шести настап на светските првенства (СП) за фудбалерки, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Годинашниот Мундијал ќе се игра во Австралија и во Нов Зеланд, од 20 јули.
Бразилската легенда е најдобар стрелец на СП на сите времиња откако постигна 17 гола. Сега, на 37-годишна возраст, Марта вели дека е многу поразлична фудбалерка од тинејџерската сензација за време на нејзиниот прв настап на светските првенства, во САД, во 2003 година. Таа останува важна компонента на тимот на селекторката Сундхаге, додека Бразил се подготвува за нова слава 20 години подоцна.

Запрашана како ги одржува нејзините високи стандарди во толку подолг период, Марта рече: „Тоа е работа на целиот живот, колку сме посветени да се одржуваме на високо ниво. Многу е тешко да се стигне до врвот, а да се остане таму е уште потешко. Но кога работите со љубов и наклонетост, тоа многу ја олеснува работата. Многу сум среќна што ќе играм на моето шесто светско првенство. Никогаш не би го постигнала ова сама“.

На СП во Франција во 2019 година Марта стана првата фудбалерка што постигнала гол во пет различни изданија на светските првенства. Тој рекорд го достигнаа Кристин Синклер (Канада), подоцна на истиот турнир, и Кристијано Роналдо (Португалија) на СП за фудбалери, во 2022 година, во Катар. Шансите на Марта да биде прв поединец што постигнал гол на шест светски првенства, се разбира, ќе зависат од тоа колку таа ќе игра на СП 2023.
– Марта е кралица, таа е икона. Дали ќе биде во стартниот тим, не знам. уште не. Таа ќе ја игра улогата што ќе ѝ ја дадам и сигурна сум дека добро ќе се снајде – рече Сундхаге, откако го објави својот тим од 23 фудбалерки за СП 2023.

Патувањето на Бразил во годинашното СП ќе почне со меч со Панама на 24 јули во групната фаза, пред да се сретне со Франција и со Јамајка.

За нејзините шанси да биде во првите 11 за тие натпревари, Марта рече: „Не сум разговарала со Пиа, бидејќи никогаш не сум разговарала со ниту еден тренер за почетната постава. Не сум Марта од пред 20 години, но најголема среќа е да се види дека, без разлика дали сум на теренот или не, имаме фудбалерки што добро ќе ја претставуваат нашата земја“.