Колку што ми е познато, нели, феникс никнува од пепелта и повторно заживува, така и во Македонија некој се сетил на случајот „Феникс“, кој пред десетина години беше фрлен во пепел, па сега за да се изедначи меѓуетничката рамнотежа „Феникс“ е идеален случај за поткусурување со македонската демократија! Како ќе заврши „Феникс“ ќе видиме, но ако се воспостави дека осомничените работеле според закон, лошо им се пишува. Да, многу лошо, така е секогаш кога се оди со главата напред и се удира право во законот, тоа е лошо! Законот треба да се заобиколува лево или десно, не велам дека тоа е лесна работа, но ако сте упорен со времето тоа се учи
Коле Манев
Македонија е прва демократска земја на Балканот! Ви се верува или не? Досега само критики, ова не чинело тоа не чинело време е да се соочиме со вистината дека Македонија откако се стекна со својата самостојност и независност, за првпат во својата долговековна историја, не набрзина туку кроце-кроце ги исправи сите општествени криви патишта.
Мала забелешка, сосема мала, речиси безначајна, не знам од кои причини виси, е занемарена културата, но таа се решава брзо со едно мало македонско знаменце, може и албанско, кое ќе се постави на пултот кај претседателот на Собранието и по брза постапка проблемот со културата ќе биде решен. Да бидеме начисто, таму каде што нема многу пари, во културата владее тотална беспарица. И, која демократски образована личност ќе погледне кон таквата дејност? Се разбира никоја!
Македонија со право се насочи да ги решава „структуралните“ базични темели на едно современо и демократско општество, нешто што ги обременува и поголемите држави од нашата и така Македонија не само што е прва земја на Балканот по мерење на демократијата туку Македонија на таквата листа е прва во Европа, дури се стреми да тргне кон светов во потрага по универзална демократија!
Сега може да помислиш твојот пријател, овој сликарот, ти раскажува вицеви или си игра мајтап со тебе! Не, не е во прашање виц или играње мајтап, ти си редовен читател и чесен граѓанин. Македонија е земја од која извира божествена, библиска демократија, која се шири на Балканот, Европа дури и подалеку! Тоа е така бидејќи во Македонија никој не почитува закон, освен кога ќе дојде опомена од повисоко, но и во таквите случаи се бараат „демократски“ опции за работите да се решат на „македонски“, односно на „балкански начин“! Има ли поголема демократија кога духот и телото се ставаат во состојба на возвишеност од каде што реалниот свет не се гледа, кога дел од нашите граѓани ќе се сместат во удобни места од каде што прават што сакаат и како сакаат. Закон!? Море каков закон, кому му требаат закони, тие можат само да создадат проблеми, а за да нема проблеми батали закон и демократијата ќе вивне како птица селица!
Ама другите не работат така! Што ни е гајле за другите, зарем веруваш дека тие мислат на нас!? Тие другите мислат на нас само кога не треба. Еднаш треба да собереме сила и на тие другите да им кажеме отворено, право во очи, да нѐ остават на мира! Ние како мала земја, но итра и умна, сме должни да ги штитиме исклучиво нашите интереси. Тоа се демократијата и економскиот патриотизам, овој вториов, економскиот патриотизам е многу важен за градење совршена демократија.
Деновиве Соединетите Американски Држави на црна листа го сместиле градоначалникот на Струга, господин Мерко, и тоа за сомнителни дејства, кои и какви дејства никој не знае! Па сега го сомничат за „ауди“, па за мачки во вреќа, а всушност градоначалникот си градел „етничка демократија“. Да се потсетиме, фирмата на зградата на Општината во Струга ја напишал прво на албански јазик со големи букви, одоздола со сосема мали, речиси невидливи букви, ја напишал на македонски и на англиски јазик! Токму за ова Мерко е ставен на црната американска листа, значи ако Мерко ја поправи фирмата на општината, и напише прво на македонски потоа на сѐ друго, во таков случај градоначалникот ќе ја сврти листата, која на другата страна е бела, и чао. Тоа е суптилна демократија, гледаш, ниту Американците не можат со нас!
Колку што ми е познато, нели, феникс никнува од пепелта и повторно заживува, така и во Македонија некој се сетил на случајот „Феникс“, кој пред десетина години беше фрлен во пепел, па сега за да се изедначи меѓуетничката рамнотежа „Феникс“ е идеален случај за поткусурување со македонската демократија! Како ќе заврши „Феникс“ ќе видиме, но ако се воспостави дека осомничените работеле според закон, лошо им се пишува. Да, многу лошо така е секогаш кога се оди со главата напред и се удира право во законот, тоа е лошо! Законот треба да се заобиколува лево или десно, не велам дека тоа е лесна работа, но ако сте упорен со времето тоа се учи.
За да биде појасно ќе посочам прост пример што е полн со раскошна демократија и плодна човекова хуманост. Имено, Зоран Заев на својот син, кој нема повеќе од дваесет години (нека е жив и здрав синот), му подари хидро или термоцентрала, се надевам дека не е атомска, која ќе ја осветлува Македонија по ширина и височина, по што Македонија ќе блеска како сонцето од Кутлеш, што би се рекло тоа е демократска економија што се вложува во чистиот патриотизам, заклучок своевиден економски патриотизам!
По Заев и Ковачевски тргна по неговите стапки, како премиер, на својата сопруга (нека е жива и здрава сопругата) ѝ овозможи да стекне голема површина земјиште на која таа ќе гради соларни панели и повторно Македонија ќе блесне! Има ли позначајна демократија од оваа што се практикува во нашава земја базирана врз економски патриотизам? Се разбира, за тоа треба да бидеме горди!
Од друга страна, Али Ахмети со своето влијание му помогна на својот внук Дрин (нека е жив и здрав внукот) да добие 39 проценти од вредноста на зградата „Соравија“, која се наоѓа во строгиот центар на Скопје. Во јавноста се зборува и се шушка дека на талентираниот внук на Али, без да вложи денар, некоја банка му позајмила десет или повеќе милиони евра за да дојде до израз и да купи 39 проценти од „Соравија“. Ова заликува на етнички патриотизам.
Животната приказна на Али Ахмети ја знаеме, на почетокот првиот човек на НАТО, Робертсон, ги нарекуваше терористи, потоа се прогласија за бранители на човекови права, во интерес на мирот им се простија злоделата на војната од 2001, исто им се дозволи да направат партија на етничка основа, дојдоа на власт играјќи жмурки еднаш со ВМРО-ДПМНЕ, другпат со СДСМ и така си протераа во власта цели дваесетина години. Сега кога дојде времето за заминување, почнаа да играат игра на белези, игра на етнички белези или етнички патриотизам! Целата политичка кариера на Ахмети е базирана на етничка основа и во овој случај со „Соравија“ е истото. Се лаже секој што мисли дека со ова зделка Ахмети сака да присвои пари за себе лично. Не, тоа е илузија и со „Соравија“, Ахмети сака да остави етнички знаци, да се споменува – ова е дело на Али, или тоа другото е творба за каузата, за идејата.
Господине, нема ништо лично, во овој ваш текст Заев и Ковачевски ги опишувате дека сакаат да градат економски патриотизам, нели ви се чини господине дека Заев и Ковачевски не градат економски патриотизам туку личен економски профитизам, а Али Ахмети наместо економски напредок изработува лажен етнички просперитет, кое е вашето мислење? Моето мислење е да си жив и здрав млад човеку, се гледа дека добро размислуваш, твојата забелешка нема да ја заборавам, во иднина ако земјата опстои ќе има потреба од вакви личности како тебе.