Нашата порака е јасна, ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков договор што ќе биде под бугарски диктат. Тоа е основната и суштинската порака која што овде во Брисел ја пренесовме и ќе продолжиме да ја пренесуваме, а која што се темели на нашите факти и аргументи, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Брисел.
Делегацијата од ВМРО-ДПМНЕ, во чиј состав се и потпретседателите Тимчо Муцунски и Алексанадр Николоски, како што информираат од партијата, е во Брисел за да оствари неколку средби со високи претставници на ЕУ.
-Денеска имавме средба и со господинот Манфред Вебер. кој што е и претседател на Европската Народна партија, семејство во кое што е член и ВМРО-ДПМНЕ. Главната цел овде во Брисел на делегацијата која што ја предводам на ВМРО-ДПМНЕ е да ги презентира своите позиции, аргументи и ставови поврзани со проблемот кој што го создаде владата на ДУИ подржана од СДСМ – рече Мицкоски.
Нашите членови на македонската влада, кога доаѓаат во Брисел, ние, како што рече, мислиме работат за државата, а тие покрај тоа што го уживаат комфортот на своите функции, единствената работа и цел им е да ја кодошат опозицијата овде во Брисел и да барат од луѓето од Брисел да вршеле притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, да прифати договор кој што ниту го преговарала, ниту учествувала во него, а предупредила дека нема намера да го прифати.
– Тоа е единствената работа која што официјалните лица на владата на ДУИ подржана од СДСМ го прави овде, ја кодошат опозицијата и уживаат во привилегиите кои што им ги носат функциите – рече Мицкоски.
Втора работа што ја пренесуваме на состаноците, како што нагласи, тоа е избори во Македонија час поскоро за да може притисокот кој што се чувствува во општеството поради оваа неспособна влада, која што е полна со криминал и корупција да биде ослободен.
– На дневно ниво ние сведочиме за коруптивни скандали коишто неколку фамилии кои што управуваат со овие две партии ги нижат во Македонија и дополнително го разочаруваат народот. Затоа се потребни избори за да дојде една легитимна влада која што е избрана од народот, а не поставена како оваа влада на Ковачевски. Влада која што ќе се бори за повеќе успеси за македонските граѓани, за повеќе пари за македонските граѓани, за подобар стандард, за повеќе инвестиции и реформи, за поквалитетно здравство и она кое што е најважно борба со криминалот и корупцијата – изјави Мицкоски.