Зошто се пропушти шансата уште со потпишувањето на Преспанскиот договор, зошто уште тогаш овој услов не беше активиран?! Треба ли да се потсетуваме, којзнае по кој пат, дека затоа што немаше вакво нешто во тој договор, сега Грците се релаксирани, тие не исполнуваат ништо, не сменија ниту еден најобичен патоказ на автопатот, а камоли што било суштинско кај нив, додека од друга страна Македонија исполнува сѐ без поговор, па дури и голем дел од работите пред рокот, ударнички, ги сменивме како да сме на натпревар за „најдобар акцијаш“
Деновиве некаде прочитав дека „Преговарачките вештини се квалитети што им овозможуваат на две или повеќе страни да постигнат прифатливо решение“. Станува збор за меки вештини како што се комуникација, убедување, планирање, стратегии и соработка. Разбирањето на овие вештини е првиот чекор за да станете посилен преговарач. Современата вештина на преговарање е процес на комуникација помеѓу две или повеќе страни, преку кои страните ќе ги надминат своите разлики и ќе се обидат да најдат прифатливо решение. Преговарачките вештини се користат во сите сегменти на човековата активност. За успешно да се соработува многу е важно да се запознаат преговарачките стилови на другите, оние со кои се преговара. Со цел да се постигне успех во преговорите, преговарачот треба да се обиде да се приспособи на другата страна.
Изненадувачки е како ми се совпаднаа овие зборови со завчерашната лидерска средба. И не, не станува збор за преговарачките вештини на двајцата собеседници во конкретниов случај, на целата лидерска средба. Тоа нека го разгледуваат и анализираат многубројните партиски штабови.
Овој пат јас би се задржал само на еден елемент од средбата, околу кој од самиот почеток има различни гледања и толкувања. Станува збор за барањето на една од страните на лидерската средба, одложена примена на евентуалните уставни измени – тие да важат од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во парламентите на 27 земји-членки на ЕУ.
На прв поглед, тешко дека ќе можеме да сметаме на изменети услови, различни од оние што во претходните фази од преговорите сме ги прифатиле. Во таа насока се изјасни дури и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, одговарајќи на прашањето дали ЕУ може да постигне компромис во врска со барањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Но токму тука се отвора повторно прашањето за вештината на преговарањето. Зошто се пропушти шансата уште со потпишувањето на Преспанскиот договор, зошто уште тогаш овој услов не беше активиран. Треба ли да се потсетуваме, којзнае по кој пат, дека затоа што немаше вакво нешто во тој договор, сега Грците се релаксирани, тие не исполнуваат ништо, не сменија ниту еден најобичен патоказ на автопатот, а камоли што било суштинско кај нив, додека од друга страна Македонија исполнува сѐ без поговор, па дури и голем дел од работите пред рокот, ударнички, ги сменивме како да сме на натпревар за „најдобар акцијаш“.
Токму затоа, за да не се прави повторно истата грешка, треба добро да се размисли и мудро да се постапи, во интерес на државата, на граѓаните, за да не се чувствуваме повторно изиграни и невешти. Треба ли да се потсетуваме дека Грците имаа цели штабови преговарачи, а ние им пристапивме на преговорите како дете што влегува за првпат во забавен парк… И поминавме како што поминавме.
Е, за да не бидеме повторувачи, треба сериозно да обмислиме, да знаеме од што тргнуваме. Да се повикаме токму на вештината на преговарање и да постапиме како што би постапиле сите сериозни преговарачи. Знаеме кои се нашите константи во преговорите, идентитетските апсолутно: име, јазик, историја, барем околу тоа сите сме дефинитивно согласни. А што се однесува до варијаблите – тие се многубројни, само треба добро да ги одиграме. Се разбира во тој дел треба нешто и да прифатиме, нешто и да отфрлиме, затоа и се нарекуваат варијабли во преговарањето. Но најбитно е константите да ги задржиме по секоја цена. Ако почнеме да тргуваме со нив, тогаш ништо не сме направиле.
Во целава ситуација, ако нешто може да охрабрува е сознанието дека од повеќе домашни извори деновиве се спомнуваат гаранциите што треба да се бараат или според некои извори дури и да стигнат од европските институции за потврдување дека македонскиот народ, како и јазикот имаат многувековна историја, имаат идентитетски код што е одамна препознаен и признаен како таков.
Ако нашите преговарачки тимови навистина се усогласат околу ова прашање, тоа е секако добар почеток. Тогаш многу полесно ќе биде во натамошната фаза, затоа што нема да бидеме во ситуација да ги повторуваме истите грешки и само беспоговорно да исполнуваме туѓи барања, уцени и ултиматуми.