Влада на Северна Македонија на денешната вонредна седница донесе одлука за продолжување на мерките за ублажување на ценовните притисоци и заштита на животниот стандард на граѓаните до 1 јуни 2026 година, пренесе МИА.
Информацијата ја соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска преку објава на Фејсбук.
-Мерките насочени кон ублажување на ценовните притисоци и заштита на животниот стандард на граѓаните продолжуваат со примена до 1 јуни 2026 година. Овие мерки се соодветен одговор на економските предизвици и неизвесностите со кои се соочуваат сите држави на меѓународните пазари на енергенси – напиша Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека Владата и Министерство за финансии преку овие мерки обезбедуваат стабилност и предвидливост, намалување на инфлаторните притисоци, поддршка на економијата и зачувување на животниот стандард.
Претходната владина одлука за намалување на акцизите на горивата и намалување на ДДВ за бензините од 18 на 10 проценти требаше да истече на 18 мај, но со новата одлука горивата и во наредните две недели ќе се продаваат по пониски цени.
Во понеделник истекува и рокот на попустите што ги обезбедува OKTA. Компанијата на најголем дел од бензинските станици им овозможува попуст од три денари за литар дизел и два денари за бензините.



































