Откога постојат светот и векот имало лажни вести. Од памтивек имало луѓе што измислувале разни приказни и манипулирале со луѓето и вистината и од само ним познати причини пуштале во јавноста лажни информации, кои, за жал, најчесто биле прифаќани како вистинити. Но до појавата на социјалните мрежи таквите лажни вести имале ограничено време на траење и, за среќа, не допирале до голем број лица, бидејќи откако ќе биле препознаени или „прочитани“ брзо биле демантирани и заминувале во заборав.
Но со појавата на социјалните мрежи и интернетот, лажните вести толку многу се намножија што нивниот број постојано расте и во последно време добива не само драматични размери туку дури и пандемиска форма, за која во овој момент и научниците тешко можат да најдат вакцина.
Тие на овие простори брзо стигнуваат до голем број граѓани, кои жедни и гладни за сензации, или ги прифаќаат како такви, без воопшто да ги проверат, или, пак, откако ќе ги „дотераат“ по свое ги „лиферуваат“ до новите корисници.
На лажните вести никој не е имун. Ги има за сите, во сите области и за сите вкусови.
Неодамна, кога во Битола по малата Јана почина уште едно новороденче, на еден портал беше пласирана вест дека во болницата дополнително починало уште едно новороденче. По смртта на двете дечиња во Клиничката болница, тажната вест за уште еден смртен случај предизвика нов шок не само кај битолчани туку и кај здравствените работници во болницата. Без да се провери, веста во истиот момент беше пласирана и од голем број портали и на социјалните мрежи.
Додека лажната вест ја демантираа од Клиничката болница, таа веќе како бомба допре до голем број граѓани во Битола и државата.
Неодамна, откако му измислија дека е болен од рак, еден познат и признаен лекар во Битола дури мораше јавно, преку медиум, да објаснува дека е здрав и дека не е болен од рак.
За еден новинар од Битола дури во јавноста беше пласирана вест дека починал, па неговите пријатели и роднини откако го „прежалија“ и отидоа со свеќа во неговиот дом да изразат сочувство мораа да се враќаат назад кога од неговите најблиски беа информирани дека веста е лажна и дека новинарот е жив. Излезе дека тој што ја пласирал тажната вест слушнал дека човек со исто име починал во болницата и без да ја провери точноста ја проширил лажната вест.
Вакви или слични приказни во Битола, а и во другите градови во државата има (пре)многу. Доволно е само некому да му текне да измисли некоја таква лажна вест и истата таа, без да се провери, веднаш може да биде прифатена како вистина. Кај нас измислувањето лажни вести, особено за луѓе што не ги сакаме одамна е национален спорт.
Но тоа што особено загрижува е што со појавата на многубројните портали или социјални мрежи, од Фејсбук, Твитер, Инстаграм… многу се намножија лажни вести од далеку пошироко значење, на кои не останаа имуни ниту традиционалните медиуми.
Тоа што особено загрижува е што на социјалните мрежи, кои во последно време некои ги нарекуваат социјални медиуми, истите лажни вести без да се проверат, по системот копи пејст, се пласираат во јавноста, а подоцна со пандемична брзина се шират во јавниот простор. Некои портали, кои себеси се сметаат за медиуми, немајќи ни време ни кадар, а ни знаење, да ги проверат таквите лажни вести, во голем број случаи ги пласираат како свои во јавноста. Денес сме сведоци како со секавична брзина една иста вест се пласира како „своја“ на безброј портали. За жал, најголемиот број медиуми истите тие „ексклузивни“ вести не ги проверуваат и веднаш ги пласираат во јавноста.
Водени од трката за кликови и лајкови, голем број сопственици на социјални мрежи воопшто не му ја мислат какви вести објавуваат и дали се тие точни и веродостојни. Важно е само да се биде прв и „ексклузивен“.
Поради таквите инстант медиуми и генератори на лажни вести, денес никој никому не му верува, па и медиумите во голема мера ја изгубија довербата кај граѓаните и јавноста.
Тоа што е најлошо, изгубена е довербата, а кога таа ќе се изгуби ни нема спас.
Лажните вести го напаѓаат општествениот систем. Тие ја ставаат под прашање кредибилноста на медиумите и креираат впечаток дека медиумите лиферуваат лаги и непроверени информации.
Тоа што од ваквиот начин на работа и креирање лажни вести се изземени печатените медиуми не треба воопшто да нѐ залажува или амнестира од одговорноста сите нас што работиме во медиумската сфера.
Токму поради ваквата хронична состојба со лажните вести, особено во медиумите, а за да се ублажат состојбите со ова зло, Институтот за комуникациски студии (ИКС) објави повик за медиуми за поддршка на производство на медиумски продукти за разоткривање мотиви, наративи и/или влијание на дезинформации во општествената сфера. Со повикот се поддржуваат поединци или тимови од новинари и медиумски работници вработени или ангажирани во медиумите за изработка на новинарски содржини. Повикот се спроведува во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Македонија (Користи факти)“, кој е поддржан од британската амбасада во Скопје.
Проектот „Користи факти“ треба да ја зајакне отпорноста кон дезинформациите на широката јавност и ранливите групи во Македонија. Тој цели да создаде длабински анализи, истражувачки стории, едукативни содржини и да понуди ресурси што ќе ги мотивираат граѓаните поангажирано да дејствуваат во општествените случувања и ќе ја зголемат транспарентноста на институциите, со што ќе се намали просторот за ширење дезинформации. Крајната цел на проектот е да се сензибилизираат граѓаните кон препознавање на структурата и содржината на дезинформациите, да се имунизираат против нивно ширење и да се изврши влијание врз властите за зголемена транспарентност во работењето и во процесите на носење одлуки за јавни политики.
Само на тој начин со добро образовани новинари и медиумски работници, кои знаат да ја препознаат веста, дали е лажна или вистинита, со проверка на информациите и користење на фактите може да се добие битката против лажните вести.
Нашиот традиционален медиум, „Нова Македонија“, што има најдолга традиција во Македонија, е силен поддржувач на овие иницијативи. Професионалните новинарски и етички стандарди се неразделен дел од секојдневното наше работење. Ние одамна во медиумскиот простор сме ги детектирале оние што (и како поединци и како самонаречени медиуми) перманентно ја ерозираат и девастираат мисијата на вистинските чувари на јавниот интерес. Затоа, идејата за подигнување на медиумската писменост и создавање алатки за успешна борба против лажните вести и дезинформациите ја прифативме како интегрален дел на професионалната новинарска мисија во функција на граѓаните и јавниот интерес!