Изречени пресудите за пожарот во модуларната болница во Тетово
Тетовскиот суд вчера изрече условна пресуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ за пожарот во модуларната болница во Тетово. Ослободителна пресуда беше донесена за докторот Бобан Вучевски, кој се товареше за делото „непостапување по здравствени прописи“. Осудените добија казна една година и шест месеци, со услов во наредните три години да не го повторат делото.
Тетовската болница треба да плати милион денари, а семејствата на загинатите во трагедијата отштета ќе можат да побараат во граѓански спорови.
Ова е епилогот од судскиот процес што се водеше во Основниот суд во Тетово, во врска со пожарот што се случи на 8 септември 2021 година во модуларната болница во Тетово, во која настрадаа 14 луѓе.
Судот смета дека обвинетите Бесими и Етеми се виновни бидејќи предизвикале опасност за животот на пациентите и нивните роднини што биле во болницата во моментот кога избувнал пожарот, поради што се осудени на казна затвор од 1,5 година, која им се заменува со условна казна, со која во период од три години не смеат да сторат ново кривично дело. Во образложението на пресудата се наведува дека тие не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар, со што предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и пациентите болни од ковид-19. Исто така, не постапиле според мерките и активностите од договорот за заем со Светската банка. Иако биле должни да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница, па сѐ до настанување на пожарот немале соодветни уреди за заштита од пожар.
Докторот Вучевски е ослободен од обвинение, како и Клиничката болница, која како правно лице се товареше за две кривични дела – „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Одлуката на судот беше поздравена со аплаузи од толпа граѓани, кои и вчера, како и во текот на целиот судски процес, му ја изразуваа својата поддршка.
– Голема благодарност за сите пријатели што не дозволија да останам сам. Благодарност за правдата што излезе дека јас како доктор сум бил со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас – изјави Вучевски по изрекувањето на пресудата.
Судскиот процес започна во декември 2022 година. Р.Н.М.