Немаме друга алтернатива освен да продолжиме да се бориме за опстојување на системот на владеење на правото, над системот на владеење на силата и менувањето на границите со употреба на сила, порача претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на Состанокот на високо ниво на претседатели на парламенти на земји членки на НАТО „Глобални предизвици, глобални партнери, глобален НАТО“, што се одржува денеска и утре во Вилнус.
Нашата битка, посочи Џафери, мора одлучно да продолжи преку зајакнување на постојните партнерства и потрага по нови, креативни партнерства и сојузи со држави и организации кои сè уште веруваат во свет заснован на демократски и либерални вредности, нивна заштита, долгорочна одржливост и резистентност кон овие негативни процеси. Нам како претставници на народот, ни останува да продолжиме да ги промовираме вербата и исправноста на мултилатерализмот, како единствен механизам кој овозможува мир и просперитет во светот.
Тој истакна дека државава со исполнувањето на стратешката цел – зачленувањето во НАТО, успеа да ја заштити независноста, територијалниот интегритет, неповредливоста на меѓународно признатите граници, но и да промовира добрососедска политика и стабилност во поширокиот регион.
-Мојата земја, Република Северна Македонија, е пример на земја која беше увозник, а денес е извозник на мир, активен партнер и контрибутор на Алијансата. Нашите заложби за придонес кон глобалниот мир и безбедност претставуваат водилка за нашите институции, за нивна континуирана подготовка на капацитети и способности за учество во меѓународните мисии и операции на НАТО, но и на Европската унија и Организацијата на Обединетите Нации – рече Џафери.
Тој укажа дека новите глобални безбедносни и геополитички трендови во себе носат закани по безбедноста на државите, за кои е потребно градење на соодветни механизми за одговор и посеопфатно делување од страна на сите чинители.
Промените во безбедносната средина, посочи Џафери, не дозволуваат заканите да се поимаат издвоено, како претходно, туку бараат осовременување на капацитетите и подготвеност за одлучно делување. Тука особено би ги издвоил растечките влијанија на трети земји, миграциските текови и климатските промени, пандемиите, хибридните закани, лажните вести и дезинформации, фрагилноста на системите за снабдување, зависноста од стратешки значајни ресурси и вештачката интелигенција.
Според Џафери, денес за жал сме сведоци на различни поимања на примената и функционирањето на мултилатерализмот, како и на воведување на нови модели на наводна алтернативна демократија. Таквите системи на уредување, укажа тој, си обезбедуваат внатрешни правни гаранции за неограничено владеење, за оправдано демонизирање на политичките опоненти, негирање и криминализирање на слободата на говорот. Она што уште повеќе загрижува, како што рече, е нивниот тренд за извоз на ремоделирана демократија надвор од нивните граници и придобивање на други држави во ново креираниот поредок. Меѓу инструментите кои ги користат за оспорување на глобалниот демократски политички пејзаж се хибридните закани, лажните вести и дезинформации кои директно влијаат на безбедноста на нашите општества, а сето тоа без употреба на војска или воено оружје.
-Нивното таргетирано влијание преку идеолошка војна ja погодува нашата демократска отпорност, ја намалува довербата на граѓаните во демократски избраните влади и парламенти и перцепцијата на граѓаните дека институциите имаат капацитет да се справат со овие појави. Нашиот регион на Западен Балкан е жив сведок на овие активности, особено во последната деценија. Прашањето кое тука се поставува е дали НАТО се менува и дали ние како земји членки и како парламенти придонесуваме во таа промена и адаптација за иднината? Лично сум убеден дека досега успешно се носиме со проблемите и дека во историјата на Алијансата, никогаш не сме биле по обединети за нејзиното опстојување и промоцијата на нејзините вредности и можности на светската политичка и безбедносна сцена. Во овој комплексен мулти-поларен свет, кој ја предизвикува глобализацијата и мултилатерализмот, дополни тој, како држави и политичари мораме да делуваме брзо и да ја спречиме ваквата фрагментација, бидејќи претставува сериозна закана за целиот свет – рече Џафери.
На настанот учествуваат претседателите на парламентите на земјите членки на НАТО, претседателката на Парламентарното собрание на НАТО, Жоел Герио Мејлам, помошник-генералната секретарка на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, во име на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, најави собраниската прес-служба.
Дискусијата е поделена на три панели: Глобални предизвици, глобални партнери, глобално НАТО, Внатрешна трансформација: зголемување на трошоците за одбрана, зајакнување на силите за одвраќање и одбрана, и Силна и независна Украина: план за долгорочна поддршка на Украина а претседателот Џафери е предвиден за клучен говорник во првиот панел од страна на организаторот.
На маргините на состанокот, за учесниците е предвидено следење на демонстративна вежба изведена од припадници на борбената група на НАТО „Зајакнато истурено присуство“.
Во состав на македонската делегација предводена се и пратениците Миле Талевски, Драган Ковачки и Вјолца Адеми.