Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, редовно ја објавуваме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец издвојуваме настани поврзани со македонската историја и со истакнати македонски дејци

2 јуни 1945 година – Комисијата за јазик и правопис дефинитивно го усвои проектот на македонскиот правопис, кој е озаконет со решение на Министерството за народна просвета на Демократска Федеративна Македонија од 7 јуни 1945 година.

8 јуни 1908 година – Починал Милан Арсов, македонски револуционер, анархист, член на гемиџиите и еден од солунските атентатори.

9 јуни 1943 година – Дирекцијата на бугарската полиција во Софија им наредила на обласните началници на полицијата строго спроведување на наредбата на Владата за конфискација на целиот имот на партизаните и нивните семејства, како и на поддржувачите на партизаните во Македонија.

10 јуни 1985 година – Починал Стефан Русјаков, еден од основоположниците на македонската опера и учесник во првата опера изведена на македонски јазик – „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи.

12 јуни 1945 година – Грчка воена единица го опколи селото Кономлади, Костурско, Егејска Македонија. Притоа, командантот на единицата ги собра сите жители и со сила ги тераше да признаат дека се Грци. Но тој не успеа во тоа, бидејќи насобраните му изјавија дека се Македонци.

12 јуни 1944 година – Починал Коце Николовски Стојановски-Металец познат како Коце Металец, македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ. Загинал во борбите против бугарскиот полициски одред „Бенковски“, кај селото Стрмашево – близу Кавадарци.

14 јуни 1934 година – Убиен е Симеон Кавракиров, македонски револуционер, припадник на ВМРО (Обединета) и член на Бугарската комунистичка партија. Во 1932 година по наредба на Ванчо Михајлов бил киднапиран, а по две години заложништво, Кавракиров бил убиен од ванчомихајловистите.

16 јуни 1943 година – Масакрот во Ваташа; бугарските окупаторски војници стрелале 12 млади комунисти од селото: Васил Хаџи Јорданов, Ферчо Поп-Ѓорѓиев, Диме Чекоров, Блаже Ицев, Ванчо Гурев, Пане Џунов, Данко Дафков, Илчо Димов, Герасим Матаков, Пане Мешков, Ристо Ѓондев и Перо Видев. Во нивна чест е изграден и споменикот во близината на селото, во месноста Моклиште и е испеана народната песна „Ми заплакало селото Ваташа“.

17 јуни 1915 година – Роден е Васил Григоров Василев (Цветков), македонски борец, учесник во партизанското антифашистичко движење во Пиринска, Егејска и во Вардарска Македонија. Тој бил партизан од јануари 1944 година во ЕЛАС, потоа е еден од основачите на петричкиот партизански одред „Антон Попов“. Учествувал на сите три заседанија на АСНОМ.

23 јуни 1915 година – Роден е Кузман Јосифоски-Питу, македонски комунист, еден од главните организатори на антифашистичкото движење (1938 – 1941) и на НОБ во Македонија. Бил прогласен за народен херој на Југославија на 2 август 1945 година, како еден од првите борци од Македонија што го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов-Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски-Карпош и Мирче Ацев).

24 јуни 1944 година – Македонска делегација, во состав Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев, се среќава на Вис со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито, на средбата делегацијата го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача.

28 јуни 1921 година – Убиен е Ѓорче Петров, македонски професор, публицист, историчар, идеолог на Македонската револуционерна организација. Зад атентатот на Ѓорче Петров веројатно стоела ВМРО на Тодор Александров, иако последниот го одрекувал тоа. Атентатот врз Ѓорче Петров предизвикал големи реакции среде бугарското општествено мислење, како и кај македонската емиграција. По повод неговото убиство реагирале голем број македонски емигрантски организации, меѓу кои бил и Националниот комитет на македонските братства, кој за убиството коментирал и на страниците на својот печатен орган „Македонија“, каде што со пиетет се пишувало за овој македонски револуционер и за неговата ненадоместлива загуба. Д.Ст.