Започнува 11. Македонско-полска конференција во Катовице

Со учество на триесет истакнати полски и македонски филолози истражувачи, на Шлезискиот универзитет во Катовице се одржува 11. Македонско-полска конференција. Се чествуваат 35 години непрекината работа на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец. На конференцијата ќе учествуваат речиси сите знаменити полски македонисти, кои изминативе години се вложуваат во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во Полска.
– Исклучително ни е драго што јубилејот на Лекторатот по македонски јазик во Сосновјец, во чиј знак ќе мине оваа конференција, со нивното учество ја потврдува сплотеноста на полските македонисти и слависти во определбата за натамошна посветеност на истражувања и за натамошна афирмација на македонскиот јазик, литература и култура. Но одделно радува што ќе учествуваат и млади полски македонисти во кои вложувавме и преку нашите школи и актуелни студенти на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика при Шлезискиот универзитет. Нивното учество потврдува дека македонистиката во Полска нема само традиција туку има и иднина, не е фраза, туку факт и стварност. Ама во исто време е и уште една потврда на остварувањето на заемната определба со колегите од Полска, која минатата година ја преточивме во решеност за проекти што ќе се влог и во перспективите на наследниците на полските професори македонисти – идните културни амбасадори на нашата земја во полската академска и културна средина – вели Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Семинарот за македонски јазик.
Оваа традиционална конференција ќе биде посветена на јубилејот значаен за полската и воопшто за странската македонистика, а во досегашната традиција на конференцијата особен е влогот на професорите од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Конференцијата е под покровителство на амбасадорот Илија Псалтиров, економски советник на нашата држава задолжен за Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, и се организира со поддршка од градоначалникот на Катовице, Марќин Крупа.
На пленарната сесија на конференција, која ќе ја модерираат Лидија Танушевска и Лех Мјодински, одделен акцент ќе биде ставен на културата, интеркултурноста и глобалноста во наставата по македонски јазик како странски, со излагање на Гордана Алексова, која е и долгогодишна лекторка на МСМЈЛК при УКИМ. Значајно е што на оваа сесија, Јоланта Сујецка ќе се осврне со нов пристап кон ликот и делото на Никола Јонков Вапцаров, а Владимир Мартиновски ќе говори за музичкиот идентитет во македонската и полската поезија. На сесијата ќе учествува и Александра Ниевијара, осврнувајќи се на некои актуелни прашања за полскиот јазик.
Ќе има и посебен програмски дел посветен на Скопје, по повод 60 години од катастрофалниот земјотрес, а предавање ќе одржи Кинга Нетман-Мултановска од Полска, авторка на книгата „Скопје е во нас – полски експерти во проектот на ОН за обнова на Скопје по земјотресот“, по што свое предавање ќе има и лекторот Илиевски, а студентите ќе читаат фрагменти од книгата – во превод на македонски и во оригинал на полски јазик.
Оваа конференција е втор меѓународен научен собир годинава по оној на Институтот за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз.

В.Д.