Годинава имаме гости уметници од Словенија, Србија и од Бугарија, како и наши познати камерни состави, и секако се трудиме и овој пат да понудиме квалитетна и атрактивна програма и камерни состави на задоволство на сите, истакна Васил Атанасов, селектор на фестивалската програма на „Класичниот меѓународен фестивал Струмица 2023“

Второто издание од фестивалот на класична музика „Класичен меѓународен фестивал Струмица 2023“, на кој најголемиот дел од програмата ќе биде посветен на камерната музика, се одржува до 9 јуни на неколку локации во Струмица.
– Идејата беше поттикната од нас, група професионални музичари од Филхармонијата, Операта и колеги од музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, оформени во здружение на граѓани со наслов на фестивалот, а со цел да направиме еден интересен фестивал, единствен од таков вид кај нас, презентираjќи претежно камерна музика во различни состави. Идејата за фестивалот со задоволство ја прифатија и ја поддржаа градоначалникот на градот и Советот на Општина Струмица, со цел фестивалот да стане традиционален, за што им благодариме за поддршката – ни изјави проф. м-р Васил Атанасов, селектор на фестивалска програма на „Класичниот меѓународен фестивал Струмица 2023“.

Целта при реализацијата на фестивалот е да ги претставиме врвните македонски уметници што ја негуваат камерната музика, но и гости од соседните земји, Европа и пошироко. Годинава имаме гости уметници од Словенија, Србија и од Бугарија, како и наши познати камерни состави, и секако се трудиме и овој пат да понудиме квалитетна и атрактивна програма и камерни состави на задоволство на сите. Струмица е град со традиција и историско културно наследство од сите сфери, град што ги сака музичката уметност, театарот, филмот, сликарството и културата воопшто, како и познатиот „Струмички карневал“ со светско реноме, град со убави културни настани. Со овој фестивал сметаме дека ќе го збогатиме културното живеење на Струмица и регионот, бидејќи градот го заслужува тоа, поради интересот кон уметноста и местоположбата на градот со соседите, со што ќе стане културен уметнички центар на Балканот, истакнува Васил Атанасов.
Фестивалот ќе придонесе, покрај гостувањето на странски уметници од повеќе земји, Струмица да стане и атрактивна туристичка дестинација, која има прекрасно културно наследство, како Самуиловата тврдина над градот, манастирот „Св. Илија“, гробот на Струма, катедралната црква „Св. Леонтиј“ – Водоча, манастирите „Вељуса“ и „Св. петнаесет тивериополски великомаченици“, „Римската бања“ – Банско, Смоларските и Колешинските Водопади и други убавини од подножјето на Беласица и Огражден, додава Васил.

– Во овие убави јунски денови, почитувани, ви посакуваме да уживате во прекрасните изведби на нашите гости, уметници од земјава и од странство, со звуците на музиката од различни меридијани – порачува тој.
Управниот одбор на фестивалот го сочинуваат Влатко Митев, претседател, Милка Ганчева, Ана Тимова, Жарко Спасов, Костадинка Ончева, Васил Атанасов, Елисавета Бончева, Тања Трифунова, Маја Витанова. Додека во Организацискиот одбор се Клара Вета, Петар Божинов, Дејан Јанев, Влатко Митев, Боби Гошиќ, Жарко Спасов, Сузана Мицева, Љупка Галазка Василев, Васил Атанасов – претседател.
Фестивалот го отвори дуото „Селена“ – келтски харфи (Р Бугарија), во НУЦК „Антон Панов“. Дуото го сочинуваат Кохар Андонијан, роденa во Софија, Бугарија, која наедно е и наставничка по харфа и камерна музика во националното музичко училиште „Љубомир Пипков“, и Лилијана Стоева, која е родена на 12 декември во Софија. Таа исто така работи како наставничка по харфа во националното музичко училиште „Л. Пипков“.
Вокалниот ансамбл „Мелизма“ од Скопје е основан во октомври 2015 г. Ансамблот е камерен и има 12 – 16 члена, мешани гласови. Мисијата на ансамблот е да достигне врвни резултати во хорската музика, во земјава и надвор од неа. Нивниот концерт е закажан за 3 јуни, во 20 часот, во црквата „Св. петнаесет тивериополски великомаченици“. Диригентката на вокалниот ансамбл, Марија Андонова, досега го има потврдено искуството диригирајќи на различни манифестации и фестивали во земјава и во странство.

Како дел од фестивалот ќе настапи и „ДУО“, виолина-клавир од (Р Србија), кое го сочинуваат Јован Богосављевиќ, виолина, и Бојан Младеновиќ, на пијано. Концертот ќе се одржи в понеделник, 5 јуни, во 20 часот, во НУЦК „Антон Панов“, на мала сцена. Јован Богосављевиќ е водечки српски виолинист на својата генерација. Како солист одржа над илјада концерти низ светот, учествувајќи како солист на голем број значајни музички фестивали. Додека Бојан Младеновиќ (1983) дипломирал во 2007 година, а специјализирал во 2013 година на Катедрата за пијано на ФМУ во Белград. Неговата интензивна уметничка активност првенствено се рефлектира во многу чести јавни настапи во земјата и во странство, голем број рецитали на камерна музика, потоа самостојни изведби, како и во форма на концерти каде што учествува како корепетитор или член на оркестарот.
Концертот на „Трио сопран, кларинет, пијано“ (Македонија) на Марија Наумовска Бакревски – сопран, Игор Бакревски – кларинет и Иван Еминовиќ – диригент е закажан за среда, 7 јуни, во 20 часот во Уметничката галерија. Ова трио е формирано во 2017 година, кога и го има својот прв концерт во оваа формација на фестивалот „Битфест“ во Битола.

Марија Наумовска Бакревски – сопран, моментално е вработена во Македонската опера и балет – Скопје. Игор Бакревски – кларинет, во последниве две години соработува со Црногорската филхармонија во Подгорица и учествува во снимањето музика во Радиото во Софија како прв кларинетист. Додека Иван Еминовиќ – диригент, како пијанист одржал повеќе концерти низ Македонија и странство и е добитник на повеќе државни и меѓународни награди и признанија.
И последниот концерт е закажан за в петок, на 9 јуни, во 20 часот, НУЦК „Антон Панов“, на мала сцена. Фестивалот ќе го затвори „Трио Љубљана“ (Р Словенија), чии членови се Зоран Митев – фагот, Лука Ферини – пијано, и Јоже Котар – кларинет.

С.Ј.