Приватните автобуски превозници, по неколкумесечна пауза, повторно започнуваат со сообраќање низ скопските улици откако завчера постигнаа нов договор со јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
Веста беше објавена на фејсбук-страницата на ЈСП „Скопје“ каде што се наведува дека е потпишан договор со приватните автобуски превозници и од утре (среда) тие повторно ќе почнат да сообраќаат низ улиците на главниот град.
Според објавата, договорот е потпишан од страна на новиот в.д. директор на ЈСП „Скопје“, Крсте Петревски, и претставниците на приватните превозници, така што од вчера официјално приватните превозници ги опслужуваат линиите 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11A, 12, 47A, 55, 19, 20, 22, 52, 54, со, како што се вели, 105 модерни автобуси, кои ги исполнуваат еколошките стандарди во согласност со јавниот повик.
– Со новиот начин на работа и стандардизацијата во јавниот превоз, граѓаните ќе добиваат квалитетна и навремена услуга, а буџетите на Град Скопје и на ЈСП „Скопје“ ќе бидат заштитени од злоупотребите и самоволието, кои во минатото биле пракса – се вели во објавата на ЈСП „Скопје“.
Инаку, приватните превозници не сообраќаа од ноември минатата година откако им беше раскинат договорот од страна на Град Скопје поради, како што се тврдеше од страна на Градот, неиспорачување на услугите од страна на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.
Превозниците, пак, бараа да им бидат исплатени долговите од страна на Град Скопје, бидејќи, како што тврдеа, немаа средства за испорачување на услугата токму поради тој долг и сето тоа резултира со протести на превозниците, кои блокираа неколку важни крстосници во главниот град и околината на бараките на Град Скопје, со барање да им бидат исплатени, според нив, заостанати долгови од страна на ЈСП за да почнат повторно со работа.
Крајниот резултат од целата оваа рашомонијада беше конечен договор меѓу превозниците, Град Скопје и ЈСП, откако самите превозници се откажаа од поранешните директори и формираа ново раководство, кое по два последователни јавни повика конечно успеа да постигне договор со Градот и ЈСП.