Хиперсоничните ракети летаат со брзина многу поголема од брзината на звукот, обично околу 5.500 км/ч и повеќе. САД, Русија и Кина развиваат хиперсонично оружје од новата генерација. Против него речиси нема одбрана поради брзината и способноста да ја менува траекторијата во лет. Со новата комбинација на брзина и маневрирање, хиперсоничните проектили можат да ги пробијат сите сегашни системи за антиракетна одбрана и радикално да го намалат времето за реакција на нападнатите страни, пишува во еден извештај на Минхенската безбедносна конференција од 2019 година

Вооружувањето влегува во наредната димензија: Новото оружје за 21 век

Глобалното ривалство меѓу САД и членките на НАТО од една страна и Русија од друга никогаш не беше вистински ставено настрана, и покрај потпишаните „стратегиски договори за контрола на вооружувањето“.
Имено, според западните аналитичари, по доаѓањето на Владимир Путин на чело на Русија во 2000 година, „веднаш почнаа развојните програми на стратегиски ракети, конвенционални балистички ракети и „оружје за 21 век“.
Од друга страна, за ваквото „ресетирање“ на позициите во Кремљ имаше претходни соодветни развојни програми и во Вашингтон.
Аналитичарите истакнуваат дека веднаш по настаните од 11 септември 2001 година, САД усвоија нова одбранбена и разузнавачка стратегија. Неколку месеци подоцна, тогашниот претседател Џорџ В. Буш го потпиша официјалното повлекување на САД од обврските во ААМТ (Договор за антибалистички ракети).

Развивање на хиперсоничните оружја

Веќе во 2008 година, американската воена разузнавачка служба ДНИ (Одбранбена разузнавачка агенција) му претстави на новиот претседател Барак Обама опширен извештај за активности во Русија. Американските воени сателити детектирале т.н. ХЕП-отпечаток (високоенергетски пулс), што беше протолкувано како „сигурен знак дека Русија тестира оружје со голема моќност“. Експлозијата е снимена на полигон во Удмуртија, на околу стотина километри од голема воена инсталација и фабрика во Воткинск. По многубројните анализи во НАТО, експертите дојдоа до заклучок дека, всушност, не станува збор за една експлозија, туку за неколку од нив, кои имале речиси идентична моќ и се случиле на иста висина. Ова беше сигурен знак за Западот дека Русија го тестира т.н. пулсен ракетен мотор, всушност хиперсонично оружје способно да лета неколкупати побрзо од брзината на звукот. Потоа, следуваше официјалното соопштение на руското министерство за одбрана дека „проектилот ’икс-47M2‘ ги завршил сите неопходни тестови“. Кремљ официјално го претстави „кх-47 кинџал“ (руски: kinzhal – кама, кратка сабја) во руските медиуми. „Кх-47“ е развиен од 2003 година и е оружје од генерацијата 6.5 (седмата генерација на оружје треба да биде базирана во орбитата или во вселената). Иако руски извори тврдеа дека „кинџал“ лета со брзина од четири до пет маха, американските експерти сметаат дека е поверојатно да се движи со брзина до три маха, поточно нешто повеќе од 3.000 километри на час. Неговото оперативно лансирање, кое е можно само од ловецот-бомбардер „миг-31“ и од стратегискиот бомбардер „ту-23М3“, укажува на тоа. Русија тврди дека има 120 копии од „кинџал“ во базите во Јужниот воен округ и дека од тој момент тие имаат дострел од 2.000 до 3.000 километри. Последно регистрирани информации во јавноста од страна на западните воени аналитичари е дека е развиена хиперсонична ракета „авангард“, создадена како подобрување на „кинџал“, со подобрени аеродинамични својства. Исто така произведена во фабриката во Воткинск, „Авангард“, таа го имаше првиот лет на 28 декември 2018 година. Оваа хиперсонична ракета има и т.н. способности за лебдење – користи инерцијално гравитациско забрзување за да ја погоди својата цел.

САД, но и други земји имаат хиперсонични ракети

Соединетите Американски Држави успешно лансираа ракета за време на експеримент со хиперсонично оружје, соопшти во средина на минатата година Пентагон. Ракетата била лансирана од објектот на НАСА, „Волопс флајт фасилити“, во Вирџинија.
САД имаат неколку оружја ЛРХВ (хиперсонично оружје со долг дострел), чиј развој е во тек од крајот на 1980-тите. Сите проектили се засноваат на заедничкиот дизајн на каросеријата со хиперсонично лизгање, со употреба на различни мотори во погонскиот дел. Исто така, моментално се тестира технологијата АРЕС, која овозможува проектилот да „падне“ на цел од Земјината стратосфера со брзина од најмалку 5.000 километри на час. Речиси 100 хиперсонични ракети се сместени во 17-та ракетна бригада во воздухопловната база Луис-Маккорд во Такома, Вашингтон.
И Кина, исто така, има неколку хиперсонични оружја и проектили, базирани на дизајнот ДФ-ЗФ. Кинеското оружје може да се лансира и од земја, слично на беспилотните летала, со помош на специјална ракета носач „ДФ-17“. Кина, исто така, минатата година започна со тестирање нова генерација на вакво оружје, наречено ХАВК, кое може дури и да стигне до орбитата на Земјата.
Пред две години, лидерите на Иранската револуционерна армија објавија дека Иран исто така „има хиперсонични способности“. Станува збор за подобрена верзија на балистичката ракета „павех“, која во стандардната верзија достигнува брзина од 1.300 километри на час, додека хиперсоничната верзија надмина 2.200 километри на час. „Павех“ има домет помеѓу 1.800 и 2.000 километри, има систем на крила со променлива геометрија и може да го намали „отпечатокот“ на моторот за да избегне откривање. Иран работи и на подобрување на ракетата „ховејзе“, која во хиперсонична варијанта би можела да надмине брзина од 3.000 километри на час.