Невладините од Блупринт групата за реформи во правосудството се сериозно загрижени по последните случувања во судскиот совет и особено по вчерашните седници.
– Завчера во период од помалку од четири часа, ССРСМ одржа дури три одделни седници на кои, наместо да ги исправи повредите сторени на седницата на 26 април 2023, продолжи со практиката на повреда на одредбите од Законот за Судскиот совет.
Како група на граѓански организации будно ги следевме случувањата околу разрешувањето на сега веќе поранешната претседателка Весна Дамева и сме непријатно изненадени од разврската и изборот на нов претседател на ССРСМ. Особено е погубно тоа што мнозинството од членовите на Судскиот совет на РСМ останаа глуви на забелешките од страна на огромен број водечки правни експерти, граѓански организации и медиуми дека на седницата одржана на 26.4.2023 се случи флагрантна и недопустлива повреда на Законот за Судскиот совет и Деловникот на Судскиот совет.
– За жал и на штета на владеењето на правото членовите на ССРСМ направија неуспешен обид да го „озаконат“ своето незаконско постапување од 26.4.2023, повторно со повреда на одредбите од Законот за Судски совет и Деловникот со кој се уредува работата на ССРСМ. Во две од трите седници одржани вчера беше незаконито исклучена јавноста со повикување на чл. 39 ст. 2 од Законот за Судскиот совет, според кој јавноста може да биде исклучена единствено и само „заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија“ што не беше случај. Меѓучовечките односи помеѓу членовите на ССРСМ не се и не можат да бидат основ за исклучување на јавноста. Потенцираме дека не се работи за приватни односи помеѓу вработени лица туку за односи помеѓу носители на јавна функција, членови на колективен орган со особено значајни уставни надлежности, и затоа Судскиот совет на РСМ како институција не треба да биде заложник на меѓучовечките односи на неговите членови – велат од Блупринт групата во своето соопштение.
Оттаму се убедени дека со последниве случувања, Судскиот совет на РСМ е на пат да го загуби целосно легитимитетот да избира, оценува и разрешува судии.
– Легитимитетот, покрај од Уставот, во суштинска смисла треба да извира пред сѐ од стручноста, професионалноста и интегритетот на членовите на овој орган кои со своето познавање на правото треба да бидат пример за севкупната правосудна фела посебно кога станува збор за судии и истакнати правници. Оценувањето на работата на судии, кое претставува единствен случај на проверка на работата на носителите на власт во Македонија од аспект на стручност и професионалност, треба да го вршат исклучиво лица кои со своето професионално искуство и знаење покажале дека се стручни и независни, а не лица кои се обидуваат да ги заобиколат законите за да остварат одредена цел која не е поврзана со правото и за која оправдано постои сомнеж за постоење на политички влијанија. Ова особено ако се следи дека четири од петте избрани членови на ССРСМ од страна на Собранието (со исклучок на Весна Дамева) беа поддржувачи на одлуката од 26.4.2023 година, која по тврдењата на Дамева е донесена по политички притисок, со што се поставува прашањето во јавноста дали до оваа состојба во Судскиот совет дојде по основ на политички влијанија врз членовите кои не доаѓаат од редот на судиите. Овие случувања за жал ќе предизвикаат особено црна дамка врз правосудството во целина иако одговорноста е пред сѐ кај членовите на ССРСМ и дополнително негативно ќе влијаат на довербата во правосудството која и така е на незавидно ниско ниво. Упатуваме повик до сите чинители вклучувајќи ги и членовите на ССРСМ да бидат достојни за функцијата која ја вршат и да преземат мерки за утврдување на индивидуална одговорност за сторените повреди од Законот за Судскиот совет на Македонија – дополнуваат од Блупринт групата.