На 7 мај на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје
Во годината кога „Колибри“ го одбележува својот голем јубилеј, 65 години од излегувањето на првиот број во дневниот весник „Нова Македонија“, како единствен додаток за деца во македонскиот медиумски простор, сакаме својата радост да ја поделиме со нашите млади читатели.
Токму затоа, драго ни е што на 7 мај, на популарната сцена под ведро небо „Школка“, во Градскиот парк во Скопје (во 12.40 часот), ќе бидеме дел од настанот „Играме заедно пак“, кој ќе се одржи по четврти пат. Поради лошата временска прогноза дружбата што требаше да се одржи на 9 април беше презакажана, па се надеваме дека овојпат времето ќе биде на наша страна. Инаку, „Играме заедно“ претставува своевидна алка на поврзување, каде што децата со атипичен и типичен развој ќе играат, ќе пеат и ќе сликаат заедно.
Иницијатори за оваа хумана дружба, која ќе трае од 11 до 14 часот, се Денис Јанкуловски (омилениот Космонаутко) и здружението „Аутизам ААМК“.
Ќе ги потсетиме присутните зошто „Колибри“ успешно лета 65 години заедно со сите деца, ќе поделиме книги, ќе се насмееме и ќе се дружиме со сите учесници, а меѓу нив се и дечињата од градинките „25 мај“ и „Спирит“, ДУЦОР „Партениј Зографски“, фолклорното друштво „Етнос“, ученици од ОУ „Кузман Ј. Питу“, ОУ „Ј.А.Коменски“, танчарите од „Данса латина“, Тијана Периќ, членовите на градски инклузивен хор „Ветерница и Трисомија“, МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Мето ди Флеш, Џокси и многу други.