За македонските работи и за Мисирков

Политичките пропаганди не се никогаш наивни. Тие се алатка на освојувачките стратегии, облик на идентитетска (ментална и психолошка) „војна“. Тие се манипулативни и ни малку нежни спрема оние структури и лица кои им се спротивставуваат. Тоа се гледа врз многубројни примери, а овде ќе биде издвоен примерот со Крсте Петков Мисирков (с. Постол, некогашна Отоманска Империја, денешна Грција, 18.11.1874 – Софија, 26.7.1926). Мисирков е еклатантен пример за суптилната суровост на пропагандите насочени кон Македонија, спроведувани преку конкретни политики на оспорување и освојување на македонскиот јазичен и културно-историски идентитет. Таа суптилна суровост, како и перманентниот страв од репресија, довеле до тоа Мисирков да ги објавува своите македонистички ставови во статии потпишани со псевдоними (К. Пелски(ј), Македонец), да врши автоцензура на своите дневнички записи, да лавира меѓу политичката коректност во врска со бугарскиот национален идентитет и својата длабока интимна определеност како Македонец.

Славистичките прилози на Мисирков се напишани на руски и на бугарски јазик, а се објавени во Одеса и во Кишинев, тогашната царска Русија (1910 – 1914), и во Бугарија, каде што живее од 1918 до крајот на својот живот (1926). Овие славистички прилози одат во прилог на неговата македонистичка платформа и, наедно, ги афирмираат допирните точки во културното и јазично наследство на словенските народи, со посебен осврт кон јужнословенските народи (Мисирков, 2008).
Публицистичките статии на Мисирков, како и неговите мемоари, се напишани во период од триесетина години, од 1897 до 1926 година. Повеќето од нив се напишани и објавени на неговиот роден дијалект (жив народен говор). Други синоними за народен говор на одредена популација во даден простор се наречје, мајчин јазик, жива реч на одредена популација во даден простор. Од селото Постол, кое припаѓало на македонскиот, славјано-јазичен дел од етногеографскиот регион Македонија. Но, со оглед дека Мисирков бил полиглот и високообразован интелектуалец, славист и истражувач во областа на културната историја, некои негови статии се напишани и објавени на руски и на бугарски јазик.
Следејќи ги и едните и другите текстови, особено публицистичките и мемоарските (дневничките записи), се добива впечаток дека неговата национална самосвест е флуидна и чувствителна на влијателните општествени и политички текови (влијанија, притисоци, опструкции). Тој впечаток бил повод за спротивставени коментари, полемики и толкувања на неговата припадност (етничка, културна, јазична).
Најпроблематичен аргумент на бугароцентричните коментатори на делото на Мисирков (и на македонските преродбеници) се повикува на називот Бугари. Мисирков го употребува овој назив во социокултурна смисла, со значење на православна (христијанска) словенска популација со подреден социјален статус во рамките на Отоманската Империја, како и во смисла на нација чијшто општествен и политички легитимитет се стекнува при основањето на државата (Устав, институции и органи на власта, граници, службен јазик на територијата на државата), a ретко во етнокултурна смисла (етногенеза, културна традиција, народен јазик, чувство на припадност).
Идентитетската недоследност на Мисирков има повеќе политички, одошто суштински карактер. Таа се должи на повеќе фактори: а) еволуција на неговите сознанија од областа на културната и политичката историја на Балканот, славистиката, меѓународните односи; б) промена на историските околности и на балканската мапа на држави; ц) импозантниот број македонска популација (т.н. македонски Б’лгари) вградена во составот на современата бугарска нација; д) јазичната сродност на словенските народи; е) експлицитниот и имплицитниот притисок врз неговите и врз ставовите на другите „македонисти“ во Бугарија (на пр. тиражот на неговата книга „За македонцките работи“ од 1903 е запленет во Софија, а тој е наречен македонски сепаратист, односно „национален сепаратист“).

Мисирков својот интелектуален и политички концепт за Македонија не само што го опишува научно и публицистички туку и го живее во рамките на македонските литературни кружоци, МНЛД-Санкт Петербург. „Македонското прашање“ е парабола на неговиот живот. Тој полемички истакнува дека Македонија е централна област на Балканскиот Полуостров, во којашто преовладува македонскиот етнос, а освен тоа во неа немало „преплетување на историјата на балканските народи“ (2008, 78). Идејата за етничката „чистота“ на балканските нации ја промовира австриската дипломатија и славистика, дури по Руско-турската војна. Интересот на Мисирков за словенското прашање е заснован врз идејата за „племенското сродство на словенските народи“ (Мисирков, 2008, 71).
Недоследноста во поимањето на идентитетот на Мисирков не може да се лоцира во строги временски рамки. Па сепак, првата деценија од неговата интелектуална и творечка дејност, како и последните неколку години од неговиот живот се обележани од нескриен македонизам. Дуализмот кај Мисирков доаѓа до израз во годините на Првата и Втората Балканска војна, кога страда македонското население во Вардарска, Егејска Македонија и Пиринска Македонија. Илустративни примери за тоа има во неговиот Дневник 5. VII. – 30. VIII. 1913 (Мисирков, 2008).
При просудувањето на наводната флуидност на етничката свест на Мисирков, треба да се има предвид неговата македонска гледна точка. Не станува збор за ефемерни факти, туку за темелите на македонскиот идентитет: територија, име, историја, потекло, културна традиција, народен говор/јазик, државотворен континуитет и право на автономија, право на политички, културни и образовни национални установи, меѓународен легитимитет на истите. Станува збор за идејата која е доминантна на неговиот творечки опус и на неговиот културен и политички активизам. Станува збор за кодификацијата на македонскиот литературен јазик, за научната диференцијација на македонскиот јазик од сродните јужнословенски јазици. Тоа го прави Мисирков историски препознатлив во поставувањето на социолингвистичките начела на современиот стандард на македонскиот јазик. Надвор од тој контекст даден од Мисирков, а претходно зацртан од Партениј Зографски, треба да се посматра и кодификацијата на македонскиот јазик од 1945. Овој придонес во легитимирањето на македонскиот јазичен код ја одредува и етнокултурната припадност на Мисирков. Благодарение на овој придонес, Мисирков е де факто претставник на македонската кауза. Поради тој негов историски подвиг, Мисирков ќе биде прв потписник на иницијативата за основање на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Во тој период, 1902-1903, Мисирков експлицитно се залага за признавање на македонската етнокултурна посебност и за правото на македонскиот народ на политичка и културна автономија. Не случајно бугарската полиција го запленува и го уништува целиот достапен тираж од неговата книга „За македонцките работи“. Да била таа книга значајна за бугарската национална кауза немало никогаш да биде уништена, а Мисирков ќе бил славен од севкупната бугарска научна и општествена елита! Но, историјата покажа дека не било така.

Во творештвото и дејноста на Мисирков преовладува (словено) македонската гледна точка при толкувањето на македонското јазично и културно-историско наследство, вклучувајќи го и државотворното право на македонскиот народ, некогаш етикетирано како македонски сепаратизам. Поради тоа, Мисирков е значаен за македонската национална кауза, како на почетокот на 20 век така и денес, 120 години по објавувањето на неговото култно дело за „македонските работи“.

Автор: Академик Катица Ќулавкова