Нема информација дали Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д е стасан во Собранието и дали тој ќе биде доставен до пратениците со безбедносен сертификат или само ќе им биде презентиран.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието велат дека штом ќе имаат информација за тоа ќе информираат.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека веднаш штом ќе има известување од Собранието, владини претставници ќе го презентираат Договорот со „Бехтел и Енка“ пред пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат.
Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека по барањето што го доставија пратениците го известил претседателот на Собранието дека владиниот тим е подготвен веднаш да го презентира Договорот пред собраниското тело што ќе биде определено.
– Дел од пратениците испратија писмо до Владата да се запознаат со Договорот, јас веќе одговорив до претседателот на Собранието, не знам дали го има примено во неговата архива, бидејќи беше на службен пат, во коешто го информирав, исто како што стоеше и во соопштението, дека тимот на Владата е подготвен на Комисија или на тело што ќе го определи Собранието веднаш да отиде и да го презентира Договорот пред сите пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат. Кога ќе кажат од Собранието, подготвени се веднаш да отидат, бидејќи сепак на владините претставници треба да им се каже во која Комисија треба да отидат – изјави Ковачевски, по отворањето на Самитот Македонија 2025.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои го испратија барањето до Владата велат дека немаат информација дали ќе им биде доставен договорот или само ќе им биде презентиран и кога. Друго е, додаваат тие, ако им го дадат и го анализираат, а друго е, ако дојде некој и ако им го презентира.
Во однос на прашањето кога претседателите на собраниските комисии од опозициската партија ќе ги закажат комисиите за шест од осумте закони поврзани со Договорот за коридорите, од ВМРО-ДПМНЕ на денешниот брифинг со новинарите истакнаа дека ќе донесат одлука откако ќе им биде доставен договорот.
– Да видиме прво дали ќе ни го достават договорот. Мислам дека треба да го видиме за да поднесеме амандмани. Начелно по овие закони што они ги бараат има директно суспендирање на законите за урбанизам и Законот за градење. Де факто ние треба да поднесеме амандмани да се врати сегашниот закон што е во сила. Фактички се да побиеме што е внатре за да имаме нормален закон – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За тврдењата дека ВМРО-ДПМНЕ го кочи процесот, од партијата посочуваат дека процесот не е закочен.
– Ако имаат одобрение за градење нека градат. Ако имаат основен проект нека си аплицираат и може да почнат. Прашањето најкрупно е како презеле обврска за нешто што не е донесено и го ставиле во Договор. Сега ние како пратеници не ги знаеме овие детали. Можеби знаеме нешто, но 44 пратеници не ги знаат овие детали. Воопшто не знаат што има во договорот – велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека работат на „суштински амандмани за овие шест закони“.
Комисијата за транспорт, врски и екологија треба да ги разгледа предлозите за изменување и дополнување на Законот за градење и на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, а Комисијата за финансирање и буџет Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Македонија.
Предлозите за дополнување на Законот за земјоделско земјиште и за измени и дополнувања на Законот за шумите, двата по скратена постапка, треба да бидат на седница на Комисијата за земјоделство, чиј претседател е пратеникот од Социјалистичката партија Љупчо Димовски.