Кинеските државни медиуми објавија дека научниците ѝ ја препуштиле контролата на вештачката интелигенција (ВИ) врз сателит во орбитата на Земјата. Целта на научниците била да видат како ќе се однесува вештачката интелигенција додека управува со објект во вселената 24 часа без човечка интервенција, поточно со сателитот „Кимингшин 1“. Резултатите беа објавени во списанието „Џиоматикс енд информејшн сајенс“ на универзитетот „Вухан“.
Наводно, вештачката интелигенција избрала неколку локации на Земјата и му наложила на сателитот „Кимингшин“ „да ги погледне одблизу“. Меѓутоа, зошто технологијата на вештачка интелигенција се одлучила на такви упатства, научниците не објавија. Еден од избраните региони беше Патна, стар град во североисточна Индија во близината на реката Ганг, кој е дом на полкот Бихар, разгранок на индиската армија што се судри со кинеските сили во долината Галван, по должината на спорната граница во 2020 година.
АИ, исто така, ѝ даде приоритет на Осака, едно од најпрометните јапонски пристаништа што повремено прима бродови на американската морнарица што работат во Пацификот. Досега, на повеќето сателити им требаа специфични цели или задачи за да работат, а неочекуваните настани како што се војни или земјотреси може да предизвикаат задача или сателит може да се програмира постојано да набљудува одредени цели.
Тимот научници тврдат дека иако технологијата на вештачка интелигенција сѐ повеќе се користи во мисии во вселената, вклучувајќи и препознавање слики, мапирање на патеката на летот и избегнување судир, никогаш претходно не ѝ била дадена контрола на сателит, што резултирало со губење време и ресурси.
Кина има повеќе од 260 сателити со „далечинско набљудување“ во орбитата, но тие често во вселената собираат временски чувствителни податоци со мала вредност без некоја посебна цел. Сателитите имаат краток рок на траење и висока цена, а научниците тврдат дека е клучно да се максимизираат нивните способности со нови орбитални апликации.
Научниците предложија дека ако детектира предмети или активности, сателит контролиран од технологијата на вештачка интелигенција може да предупреди одредени корисници како војската, администрацијата за национална безбедност и други релевантни институции.
Меѓутоа, за да биде ефикасна технологијата за вештачка интелигенција, таа мора да има фундаментална свест за светот, односно мора да научи не само како да препознава вештачки и природни објекти туку и да ги разбере сложените и постојано променливи врски меѓу нив и многу човечки заедници.
– Процесот на одлучување на технологијата за вештачка интелигенција е исклучително сложен. Кога планира секојдневна работа, машината треба да земе предвид многу фактори, како што се условите во реално време, облаците, аглите на камерата, вредностите и границите на мобилноста на сателитот – наведуваат кинеските медиуми.