Кина нема да ја промени својата позиција за конфликтот во Украина под надворешен притисок – изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
На новинарско прашање дали францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговата посета на Пекинг може да влијае на позицијата на Кина за конфликтот во Украина, Песков одговори дека „Кина е многу сериозна и голема сила која има своја суверена позиција“.
– Тоа е многу сериозна позиција која се формира на сериозен начин. Кина не е земја која ја менува својата позиција под странско влијание – додаде портпаролот на Кремљ.
Како што е наведено од Кремљ, Русија ги следела „важните разговори“ на кинескиот претседател Си Џинпинг, францускиот лидер Емануел Макрон и шефицата на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, кои се во посета на Пекинг.