Неодамна, кога во Клиничката болница во Битола се пензионираа над четириесетина искусни лекари и друг медицински персонал, во една пригода еден познат битолски лекар специјалист, на прашањето кој ќе ги лекува болните во Битола, со одредена доза иронија и најблаго речено сарказам, рече: „Граѓаните прашуваат кој ќе ги лекува нив, а јас се прашувам доколку не се направи нешто ургентно во македонското здравство ќе нема кој да нѐ лекува и нас, лекарите“.
Во овој одговор на познатиот битолски специјалист интернист, кој поради недостиг од медицински кадар и матични лекари што прекуноќ си заминаа во Германија мораше да ја затвори и својата приватна амбуланта, е одговорот на сите прашања околу состојбите во битолското здравство.
Познавачите на околностите во македонското здравство уверуваат дека како во Битола, слична е состојбата и во другите градови во Македонија. А во некои градови од југозападниот регион како Дебар, Кичево, Ресен, Кавадарци… состојбата во болниците е многу полоша, уверуваат нашите соговорници.
Случајот со смртта на малата Јана во Клиничката болница во Битола е последниот аларм што ги предупредува не само лекарите туку и македонските власти што поскоро да пропишат „терапија“ за излекување на македонското здравство од коматозната состојба во која се наоѓа.
Според тоа какви се состојбите во битолското здравство, каде што во моментот недостигаат најмалку стотина лекари и друг медицински персонал, од кои најмалку четириесетина специјалисти, во овој момент во Битола не се знае кому му е потешко, на болните или на тие што треба да ги лекуваат. Некои одделенија во болницата што порано важеа за едни од најдобрите во регионот, по бранот пензионирања останаа без специјалисти и се затворени или се пред затворање.
Зборувајќи на оваа тема, врвен лекар од Битола, во наплив на искреност ни рече дека, едноставно, не му се оди повеќе на работа.
– Во последно време почнав да се плашам. Не знам каков случај ќе ми дојде додека сум на смена, а не можам да му помогнам поради немање стручен кадар, или апарати за дијагностицирање, кои со години стојат расипани. А многу ме плаши и атмосферата што владее меѓу медицинскиот кадар и другиот персонал, кои се постојано незадоволни од сѐ што ги опкружува на работните места.
Овие зборови отсликуваат дел од состојбите во битолското здравство, но тие се реална слика и на нашето македонско здравство. Поискусните доктори укажуваат на добрите практики од минатото, кои сега речиси целосно исчезнаа, кога покрај консултациите со постарите колеги и драгоцените совети од нив, се следела стручна литература и се посетувале најголемите светски конгреси за да се биде во тек со најновите светски достигнувања.
Најновиот случај со смртта на малата Јана, особено сега кога гневот на битолчани е огромен и се одржуваат протести, повторно ги става лекарите во незавидна состојба. Во исчекување на официјалните експертски наоди, кои би требало да ги отстранат сите недоумици, тие сепак апелираат јавноста да не прави дополнителен притисок, туку да се остави струката да го каже својот збор. Притоа со жалење констатираат дека лекарската професија е таква. Лекар може во својата кариера да спаси десетици и десетици човечки животи, но може еднаш да згреши и да плаќа цел живот.
И сега кога состојбите во битолското здравство, што е само метафора на вкупното македонско здравство, се дијагностицирани и граѓаните и лекарите си го поставуваат прашањето која терапија или метод на лекување да го применат за конечно здравството кај нас да застане на здрави нозе. Тоа што е најлошо, поради ваквите состојби, во голем дел е изгубена довербата на болните спрема лекарите и медицинскиот персонал и на лекарите спрема пациентите. Никој никому веќе не му верува. Во голем број случаи пациентите или нивните најблиски не се воздржуваат дури и физички да ги нападнат здравствените работници.
Во таква ситуација во каква што е нашето здравство, болните, настојувајќи да најдат лек за себе, не избираат начини да дојдат до „свој“ лекар пријател, се вртат телефони, се бараат врски од дедо прадедо, пријатели, роднини, сѐ со цел да најдат спас и лек за својата болест. Од друга страна, лекарите специјалисти, кои од ден на ден ги има сѐ помалку, притиснати од барањата на пациентите прават сѐ што можат, но и тие признаваат дека не се семоќни со тоа што им е на располагање да ги дијагностицираат и третираат сите болни. Поради тоа, добар дел од пациентите се транспортираат во Скопје, на скопските клиники, кои од големиот наплив на пациенти од сите градови не можат глава да кренат. Тие што се со подлабок џеб, пак, бараат спас во приватните клиники.
Голем број лекари со кои разговаравме алармираат дека на излекувањето не само на битолското туку и на македонското здравство треба да му се пријде со цела студиозност и сериозност. Тоа не може и не смее и натаму да се лекува со импровизации и т.н. „реформи“, или народски речено со „бабини деветини“.
Здравството не може да се (из)лекува без добар и квалитетен медицински кадар и современа и функционална опрема за дијагностика и третман. Тоа не може и не смее да биде ни агенција за вработување на партиски медицински кадри, ни алатка за брзи заработки.
На македонското здравство му треба реанимација, му треба и хируршка интервенција со која ќе се отстранат сите оние проблеми и вируси од кои веќе хронично со години тешко боледува. Граѓаните колку и да ги обвинуваат се свесни дека и лекарите самите се немоќни да се справат со состојбите.
За жал, како и за другите области така и за здравството, решението е во политичарите, кои за состојбите во македонското здравство се свесни дури кога и тие ќе се разболат. Дотогаш немаат ни време ни пари да ги решаваат проблемите во здравствениот систем, кој веќе е на смртна постела.
Старите рекле – здравите имаат многу желби, а болните само една, да оздрават.
Затоа, крајно време е во Македонија да се најде лек за оздравување на здравствениот систем, кој од ден на ден сѐ повеќе колабира, а веќе нема ни кој да го лекува.