Фото: Приватна архива

Македонскиот пазар за видеоигри е релативно мал и сè уште се развива во споредба со другите поафирмирани пазари во Европа и светот. Во земјава има ограничен број развивачи на игри, а пазарот сѐ уште е во рана фаза на развој. И покрај тоа, пазарот на видеоигри во Македонија има потенцијал да расте и да стане важен дел од економијата на земјата, вели Михајло Штерјов од „Синдекс“

Стартап-компанија што го пробива патот во македонската гејминг-индустрија

„Синдекс“ е македонско студио за развој на инди-игри со своја интелектуална сопственост. Неофицијално тимот започнува да се формира во 2017 година, Откако развиле неколку игри и апликации за VR и AR, одлучиле да работат на сопствен производ. Во 2020 година и официјално се роди „Синдекс“ како компанија што ќе развива видеоигри како сопствени продукти. Нивната цел беше да се создаде игра проследена со стрип-приказна, рачно нацртана и достапна на сите конзоли и компјутери. Од денешна гледна точка, како што вели Михајло Штерјов, сето ова изгледа малку неверојатно, особено за мал тим од четворица луѓе на почетокот, но пасијата и желбата за создавање ваква игра преовладуваа повеќе од разумот.
– Сакавме да создадеме игра во „микроскопски“ свет за кој постојат многу малку референци и буквално требаше самите да го измислиме и создадеме тој свет, како и механиките што ќе функционираат во него. За да се изгради успешен тим за развој на игри во Македонија е навистина предизвик. Создавањето игра побарува многу разновиден тим со различни дисциплини и искуства, како програмери, аудиоинженери, дизајнери, концепт-артисти, 3Д-моделери, аниматори, продуценти и инженери за квалитет, кои заедно треба да ги решаваат сите предизвици. За нас беше малку разочарувачки кога нѐ одбија за лиценца за објавување на играта на конзоли. Воспоставивме односи со производителите на конзоли, „Сони“ за Плејстејшн, „Мајкрософт“ за Иксбокс и „Нинтендо“ за Нинтендо свич, за кои демото беше доволно за да започне постапката на доделување лиценци за развој. Меѓутоа, Македонија како држава не постои во нивните системи и „Синдекс“ како студио е првото студио од Македонија што побарува лиценци и развојни уреди за развивање и објавување игра. По размена на неколку пораки и состаноци и период од неколку месеци, производителите на конзоли ја вклучија Македонија кај нив и ни доделија лиценци, како и можност за набавка на развојни уреди. Со тоа „Синдекс“ стана првото македонско студио за игри што има добиено лиценци за развивање и објавување игра на конзолите Плејстејшн, Иксбокс и Нинтендо.
За главен лик на играта ја избравте девојката Соња, која е во потрага по исчезнатиот научник?

– Љубовта кон стрипови, желбата да се прикаже еден поинаков свет, како и долгогодишното играње на платформери и игри со загатки беа клучните фактори за тоа со каков тип игра ќе почнеме да ги раскажуваме нашите приказни. SciGirl: The Internship (Девојката Научник: Практикантска работа) е нашата прва игра, која започнавме да ја развиваме и е 2Д акциско-авантуристичка платформер-игра, за девојка по име Соња, која започнува со практика во лабораторија, каде што таа и нејзиниот професор работат на стабилизирање хемикалија со која можат да ја намалат или зголемат живата материја. Во оваа игра, протагонистката Соња ќе биде во потрага по професорот, кој се води како исчезнат поради дефект што се случил додека правеле тестови со хемикалијата. Ќе имаме дванаесет (12) нивоа, кои ќе бидат поделени на четири (4) света: Наносвет, Микросвет, Милисвет и Минисвет. По секое трето ниво ќе има непријател, кој ќе треба да го поминете за да продолжите во новиот свет. Рачно нацртаниот дизајн доволува уникатно искуство, каде што играчите треба да решаваат едноставни, но предизвикувачки загатки и да им се спротивстават на непријателите во потрагата на главниот лик, раскажана преку интересна приказна претставена во мешана форма на стрип и игра.
Колку соработката со акцелераторот УКИМ ви помогна во реализацијата на вашата замисла?

– Искуството што го имавме со акцелераторската програма БАУ беше од големо значење за тим како нас, кој веќе две години работеше на својот продукт. За време на акцелераторската програма, со помош на БАУ-тимот и менторите што беа вклучени, успеавме подлабоко да навлеземе во анализа на конкурентите и да ја развиеме основата на каналите за продажба и маркетинг. Исто така направивме подетално финансиско предвидување за наредните три години, со кое го валидиравме продуктот дека има голем потенцијал на глобалниот пазар и на која основа акцелераторот БАУ се реши да стане наш стратегиски партнер со својата инвестиција. Инвестицијата ни помогна двојно да го зголемиме тимот, а со тоа и побрза реализација на играта за да биде доразвиена и подготвена за објавување на глобалниот пазар.
Конкуренцијата во гејминг-индустријата е сѐ посилна. Освен познавање од информатичката сфера, потребно е да се има имагинација во изборот на видеоприказната. Како ги наоѓате инспирацијата и идеите за вашите нови проекти?
– Инспирацијата ја црпиме буквално отсекаде. Најбитни работи што ги практикуваме се следење на најновите трендови во индустријата за игри и популарни блогови за игри, форуми и страници на социјалните мрежи, како и посета на настани/саеми за игри и читање и гледање содржини во сродни области, како книги и стрипови или играни и анимирани филмови и серии од определен жанр во кој се планира или се развива играта за да се додефинираат идеите. Секогаш сме љубопитни и продолжуваме да истражуваме, без притоа да се плашиме да ризикуваме за да создадеме нешто навистина уникатно и возбудливо.

Првичната идеја изгледаше неверојатна, особено за мал тим од четворица луѓе, но пасијата и желбата за создавање ваква игра победија – Михајло Штерјов

Како би го опишале домашниот пазар на видеоигри? Може ли овој сегмент да биде наш нов економски потенцијал, што треба да се направи во тој правец?
– Македонскиот пазар за видеоигри е релативно мал и сè уште се развива во споредба со другите поафирмирани пазари во Европа и светот. Во земјава има ограничен број развивачи на игри, а пазарот сѐ уште е во рана фаза на развој. И покрај тоа, пазарот на видеоигри во Македонија има потенцијал да расте и да стане важен дел од економијата на земјата, како што го направи тоа во соседна Србија и други земји. За да се постигне тоа, може да се направат неколку работи во таа насока како владина поддршка, со која ќе се понудат поголема поддршка и стимулации за развивачите на игри да основаат и да ги развијат своите бизниси во земјава. Тоа може да вклучува даночни олеснувања, финансирање и други ресурси за да помогне во поддршката на развојот и растот на индустријата за игри. Може да се инвестира во образованието за да се развијат вештините на младите луѓе за развој на видеоигри, дизајн и програмирање. Тоа може да се направи преку партнерства со универзитети, стручни училишта и други образовни институции. Развивачите на игри би можеле да соработуваат повеќе и да се вмрежуваат едни со други за да споделат знаење, ресурси и најдобри практики. Со преземање такви чекори и со соодветна поддршка и инвестиција, развивачите на игри во Македонија би можеле да создадат иновативни и привлечни игри што ќе привлекуваат глобална публика, што би можело да доведе до значителен економски раст. М.Ј.