Јас сум тегла, ама Тери Иглтон не е

(Или: како е можен диверзитет во тоталитарен свет?!)

Противречностите предизвикуваат пукнатина на секоја филозофска зграда, а највидливи се во политичките филозофии. Една таква противречност е обидот на најшироко применуваната филозофија во практиката, филозофијата „или-или“ (филозофија на тоталитарното мислење) да ѝ се придружи (како нејзина теорија) филозофијата на диверзитетот (филозофија на „демократијата“). Тоа се случува сега во Македонија, но и глобално, во светската политика.
Се ужаснувам секогаш кога ќе се сретнам со логиката на исклучивоста: „или-или“. Или си со нас, или си против нас, трето нема. Таквите политичари и „интелектуалци“ се однесуваат како да ја ПОСЕДУВААТ вистината. Со такви луѓе воопшто не разговарам, ниту одговарам на нивните напади, затоа што верувам дека во хуманистичките науки по вистината СЕ ТРАГА, и тоа најдобро во дијалог со некој поумен од тебе. Во таа смисла сум антипостмодерен, зашто постмодерните филозофи тврдат дека вистината СЕ ПРОИЗВЕДУВА. А ако се фабрикува, тогаш може и да се поседува, но и да се продава. Јас им припаѓам на оние „конзервативни“ мислители кои веруваат дека вистината во хуманистиката не е „на едната страна“. Вистината, и тоа само во контури, можете да ја НАСЕТИТЕ само со логиката „И-И“. Не: „Или ВМРО или СДСМ е прав“, туку „Некогаш едните, некогаш другите се прави“. Верувам дека задача на вистинската интелигенција е да поставува прашалници, а не да дава АПСОЛУТИЗИРАНИ судови за нештата (т.н. „извичник“ интелигенција). Вистинската интелигенција треба да помага за доброто на Македонија, без разлика дали се „левите“ или „десните“ на власт. Затоа и сум учествувал во капитални проекти за културата и кога едните и кога другите биле на власт.
Но, токму ова мое сфаќање било причина да бидам една од политички најетикетираните јавни личности. Јас сум тегла за зимница врз која секоја година се лепи нова етикета. Имам толку многу различни етикети, што имам и дупликати. И речиси немам со кого да ги разменам (два-тројца), како што прават децата кога пополнуваат албуми со самолепливи сликички. Откако знам за себе, етикетиран сум или како лев изрод од патриотското (ВМРО на Љубчо), или како сомнителен националист (од денешниве), или како додворувач и слуга кој им се нуди и на едните и на другите. Така ме етикетираат најчесто моите колеги – интелектуалци кои молчат како риби и „се вардат“, или пак целосно се определиле да бидат НЕЗАВИСНИ ПАРТИСКИ интелигенти (каков раскошен оскиморон)! Така што, и тие мои етикети се производ на индустријата „ИЛИ-ИЛИ“.

Кога на човек кој верува во логиката „И-И“ ќе му налепите етикета дека е подлизурко час на ВМРО, час на СДСМ, а тој трипати одбивал министерски и амбасадорски места и од едните и од другите, тогаш произлегува: А) или етикетата е лажна, или Б) човекот е луд, затоа што се полтронира за потоа да одбие амбасадорски и министерски привилегии. Ако за привилегија може да се смета работа врз културна иницијатива, тогаш тој човек кратко време бил (за жал – неуспешен) „советник“ на Владата, ама за отворање Македонски културен центар во Белград (има во Тирана, има во Софија, а нема во Белград?!), а не за промена на името. Впрочем, постојат негови објавени колумни против преименувањето на државата, од тоа време. Настрана што не сум бил „советник“, туку (цитирам од договорот): „надворешен соработник за отворање Државен македонски центар за култура во Србија“. Што сум сработил (од елаборат до идеи за локација) стои таму, архивирано. И може во секое време да се провери дали идејата за културен центар во Белград била морално гнасно дело против народот и државата.
Според тоа, нашиот политички живот, праксеолошки гледано, целосно се држи до логиката ИЛИ-ИЛИ и е во сериозен расчекор со својата политичка филозофија базирана на поимот ДИВЕРЗИТЕТ. Различноста, Другиот, СОЖИВОТ со различниот (не баш најсреќно одбран поим, зашто укажува на ПРИНУДЕН, а не на ДОБРОВОЛЕН живот со различниот), мултикултурност… Сето тоа се вредности на современиот демократски свет. Добро звучи на хартија, зашто се потпира на логиката „И-И“. Но практиката ја демантира теоријата – ја покажува како лажна. Денес се гледа сериозна пукнатинка врз поимот „соживот“ во Македонија, зашто наместо максимално полн живот на Албанците со Македонците (и обратно), во Македонија се добија два паралелни ПОЛИТИЧКИ ЖИВОТИ – македонски и албански. Коегзистираат (без да си пречат) во два независни ПОЛИТИЧКИ организми.

И, за да не биде дека се правам „поголем католик од Папата“, а всушност сум морална мивка која одбива да го направи ИСТОРИСКИОТ избор (ИЛИ/ИЛИ), да цитирам како размислува еден од најголемите умови на современа Европа, филозофот, културолог, теоретичар на книжевноста и општествените феномени, Тери Иглтон, во една книга во која ги деконструира деконструктивистите, покажувајќи ги пукнатините во нивните денешни политички и културни филозофии, особено критикувајќи го ХИПОСТАЗИРАЊЕТО на „демократскиот“ поим плуралитет/диверзитет: „Постмодерните поборници за плуралитетот би требало и на самиот тој поим да гледаат повеќе плуралистички. Би требало да ја напуштат формалистичката догма дека тој поим секогаш и секаде треба да биде воздигнуван, без да се води сметка за тоа каква е неговата вистинска содржина. Различноста и диверзитетот некогаш се благотворни, а некогаш не (…) Нема никаква штета да постои организација составена од јакобинци, психопати, љубители на НЛО и адвентисти. Само, тие никогаш ништо нема да постигнат“. И понатаму: „Би можеле да бидат и помалку апсолутисти кон идејата за другоста, која повеќетомина од нив безрезервно ја поддржуваат. Некои форми на другоста треба да се уважуваат, додека некои други (разбојничка банда, дилери на дрога кои ја загрозуваат безбедноста на некој станбен кварт) – не треба. (Поглавје „Постмодерни предрасуди“, во книгата Култура, цитирано според издание на „Клио“, Белград, 2017, стр. 32 и натаму).
Наспроти лажната „хибридност“ која ја критикува поради есенцијалистичкото сфаќање на нејзината априорна „етичност“ и „хуманост“, Иглтон ја поставува униформноста, па вели: „Не е ни секоја униформност погубна. Напротив, би било добро да ја има повеќе, особено кога гласно би барала укинување на детската проституција“.
И? Како тоа, еден европски демократ се осмелил да побара пукнатини во западната политичка филозофија? И не гласа САМО за диверзитетот, мивка една! Па, уште и дрско открива дека често, зад ДИВЕРЗИТЕТОТ се крие токму логиката на исклучивоста: „Тоа што верувате дека треба да им се пружи добредојде на имигрантите, додека некој верува дека треба да им ги потопите чамците со неколку прецизни рафали, не е некој воодушевувачки пример за хуман диверзитет. Различните ставови не треба да се ценат само затоа што се различни (…) Да им се забрани на жените да возат автомобил е за секаква осуда, ама исклучувањето на неонацисти од наставничката професија не е. Дискурсот на културните студии и самиот е видливо исклучив: најшироко се занимаваат со сексуалноста, но не и со социјализмот, се занимаваат со трансгресијата, но не и со револуцијата, со разликите, ама не и со правдата, со идентитетот, ама не и со културата на сиромаштијата“.
Има уште, ама за да не биде ИЛИ-ИЛИ (или сега или никогаш), нека остане нешто и за следната среда. Ова само колку да се види дека и Иглтон кај нас би станал тегла со етикета. Силни сме ние, кога стануваме против разумот.