Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска се соочија во Собранието на седница за пратенички прашања, откако тој праша дали премиерот Димитар Ковачевски ќе ја разреши поради нејзината психичка состојба.
Ковачки на говорница читаше извештај од психијатриско вештачење велејќи дека Петровска подолг период е на седативи и се чувствува немоќно и бесцелно. За ова тој се повика на мислење изготвено од специјалист-психијатар од 16 февруари годинава.
– Според стручни лица кои ги консултирав како пратеник, неподготвеноста за соочување со вистината и стравот поради своите несоодветни постапки може да предизвика манифестации во однесувањето како резултат на психичката состојба. Конкретно, на министерката за одбрана, согласно извештајот од психијатарот, цитирам: ѝ се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација, проблеми во мислењето, збунета е и конфузна, има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала – рече тој.
Пратеникот продолжи да изнесува детали велејќи дека Петровска има оптоварен мисловен процес, а ѝ била пропишана и терапија, па три месеци е под седативи.
– Според законот за класифицирани информации, не може да му се издаде безбедносен сертификат на лице што страда од ментална или емоционална состојба која може да предизвика значителни недостатоци на неговото расудување или доверливост и може да го направи лицето дури и ненамерно потенцијален безбедносен ризик, што се утврдува врз основа на медицинската документација – рече Ковачки и го праша премиерот дали не е потребно итно разрешување на Петровска.
Министерката не ја оспори вистинитоста на психијатриското вештачење, но, според нејзиниот одговор, таквата состојба ѝ ја предизвикал токму Ковачки со неговата, како што рече, бескрупулозна лага. Во врска со ова, таа веќе покренала судска постапка.
-Тоа што го читавте е извадок од вештачењето и се однесува на моето однесување за вашата бескрупулозна лага што ја изнесовте пред неколку месеци. Причината за вашиот бес и немоќ да се справите со тужбата е тоа што всушност ве натера да излезете на говорница и да го читате тоа. За тоа што пишува во тоа вештачење и што го предизвикало таквото мое однесување, ќе се видиме на суд и, како што кажав пред неколку месеци од оваа говорница, дека за вашата лага ќе се видиме на суд, ќе се видиме наскоро – рече министерката.
За да ме разрешите, го потсети таа, не ви е потребен премиерот туку самите можете да ми поднесете интерпелација.
– Што се однесува до мојата работа, ако имате каков било сомнеж за тоа дали некоја одлука изминатиот период сум ја донела согласно закон или не, има еден инструмент што се нарекува интерпелација. За ова време додека сте пратеник претпоставувам имавте време да го прочитате Деловникот и да знаете дека не ви треба премиерот за да ме разреши. Треба да биде доволно храбри, да имате аргументи, а не лаги, да напишете еден лист наречен интерпелација и тој да го поднесете и тука ќе бидам цел ден да одговорам на сите ваши инсинуации – рече Петровска.
Таа му порача дека на суд ќе се видат и за, како што рече, неговата најнова лага дека припадници на военото разузнавање биле уапсени на Косово. За ова, Петровска во Собранието покажа документ – официјален допис од косовските власти во кој тие тврдат дека таков настан со македонски припадници на военото разузнавање воопшто немало.