Фото: Пиксабеј

Лорета Трајкоска, специјално за „Нова Македонија“ од Брисел

Две истраги од страна на федералната полиција и федералното обвинителство беа обелоденети денес во Белгија поврзани со терористички напади во Антверпен и во Брисел. Уапсени се пет лица во Антверпен.

-Најмалку двајца од инволвираните се осомничени дека направиле сомнителни подготовки за извршување терористички напад во Белгија – се вели во соопштението на федералното обвинителство, пренесува Де Стандард.

Целта на нападот сè уште не била утврдена. И покрај ова, плановите за напад биле добро напреднати.

Во второто досие на федералното обвинителство кое се наоѓа во Брисел, извршени се три претреси на куќи во Завентем, Синт Јанс-Моленбек и Скарбек. Уапсени се три лица кои се осомничени дека планирале терористички напад во Белгија.

Заканата и во двата случаи, како што пренесува медиумот, лежи во муслиманскиот екстремистички агол. По извршените претреси и апсења во домови, сега ќе следат сослушувања на уапсените за дополнително да се разјасни кој каква улога имал во мрежата.

Ова вклучува истражување за тоа кој влијаел на можните изведувачи и како се случило тоа. Во досието Антверпен, на пример, има двајца млади извршители, а тројца се уапсени кои биле во контакт со нив.

-Се повеќе го гледаме феноменот дека младите се радикализираат за краток временски период. Понекогаш тоа се случува за само неколку недели. Ова отежнува побрзо да се добие увид во ситуацијата, така што интервенцијата се изведува во различни фази. Сè уште се истражува како точно изгледаат односите меѓу овие луѓе – вели федералниот обвинител.

Постојат врски меѓу двете досиеја, но понатамошното истражување ќе треба да покаже до кој степен двете групи биле испреплетени. Засега нема цврсти индикации дека осомничените планирале координиран напад на неколку локации.

Закана во земјата останува на второто ниво.
-Службите имаат се под контрола.