Фото: Игор Бансколиев

Премиерот Димитар Ковачевски не одговори конкретно за неговиот став, но не ја исклучи опцијата дека во текот на процесот на уставни измени ќе се појават и идеи за други освен за внесување на Бугарите и други заедници, нешто што вчера го најави министерот за правда Кренар Лога… Министерот за надворешни работи Бујар Османи пак во подиректен коментар на изјавата на Лога порача дека сега не е време да се отвараат други прашања и дека уставните измени треба да се фокусираат само на продолжувањето на европскиот пат. Таков став има и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

– Приоритет во однос на Уставот е исполнување на нашата обврска од преговарачката рамка, којашто ја усвоиле 27 земји членки на ЕУ, во делот на уставните амандмани за вклучување на други делови од народи којшто живеат на територијата на Македонија. Тоа е приоритет. Нормално дека во тој процес ќе се појават веројатно и идеи во однос на некои други делови од уставот, бидејќи министерот Лога кажа и за други делови од Уставот кајшто треба да се направат унапредувања, а којшто се повеќе од процедурален карактер на функционирањето на одреден број на институции. Но, приоритет се уставните измени со цел продолжување на европскиот пат на државата – изјави Ковачевски.

За разлика од Ковачевски, вицепремиерот Маричиќ и министерот Османи беа поконкретни дека процесот не треба да се оптоварува со други политички прашања.

-Не ја знам изјавата и намерата на министерот, се разбира дека има и други прашања кои партиите бараат да се регулираат, но тие се повеќе од административно-технички отколку од политички и етнички карактер. Личен мој став е дека сега треба да се концентрираме на уставните измени поврзани со продолжување преговорите на ЕУ затоа што тие целосно се технички, немаат политички последици, не носат никаква закана за државата и за заедниците. Затоа сметам дека отворањето на Уставот не треба да се оптовари со други политички прашања кои веројатно уште повеќе ќе го поларизираат општеството – кажа Османи.

-Да се фокусираме на оние обврски кои што произлегуваат од преговарачката рамка. Така мислам дека имаме најголеми шанси за успех, во разумен рок оваа година да ги завршиме уставните измени. Секое друго прашање е вредно за разгледување но не верувам дека е сега вистинското време за тоа, зашто ќе земе и повеќе време и повеќе енергија и ќе го комплицира процесот – рече Маричиќ.

Министерот за правда Лога вчера рече дека формирањето на работната група што ќе ги дефинира уставните амандмани е прашање на денови и оти освен за Преамбулата треба да се разговара и за пакет-решение во кој би влегле и други измени на Уставот, како што е прашањето за замена на формулацијата 20 проценти за албанскиот јазик, прашањето со вакуумот кој се случи за потпишувањето на еврообврзницата со оставката на министерот, и уште неколку системски промени.