Фото: Емил Јовановиќ

Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис Трети во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари Цар Борис Трети Охрид.

-Комисијата за употреба на имиња на личности на денешната седница даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис Трети во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис Трети Охрид. Заклучокот од седницата ќе се проследи до министерот за правда кој ќе треба да донесе решение по претходно добиеното негативно мислење од Комисијата – информираат од Министерство за правда.

Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество.

-Се наведе дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно беше потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рахј и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка – се вели во соопштението.

Пред 12 дена, Комисијата даде негативно мислење за клубот „Иван Михајлов“ во Битола, кој потоа беше избришан од Централниот регистар, а основачите не поднесоа барање за регистрација под друго име.