Обвинителството покрена постапка против двајцата дилери од Арачиново кои вчера беа приведени во полициска акција на наплатната рампа Гостирав – Тетово, откако беше спречено нивното бегство. Полициските службеници пукале во тркалата на автомобилот и успеале да го онеспособат за движење и да го запрат. Од автомобилот на приведените биле запленети 30 килограми марихуана.
– Основното јавно обвинителство Тетово донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Покрај ова, против првоосомничениот е поведена постапка и за кривично дело – предизвикување општа опасност согласно член 288 став 1 од Кривичниот законик – се вели во соопштението на обвинителството.
Возачот на автомобилот при обидот за бегство удрил во полициско комбе.
– Двајцата соизвршители, на 24 март, на наплатна рампа на автопатот Гостивар -Тетово, неовластено заради продажба држеле 30 килограми наркотична дрога марихуана. Дрогата била спакувана во 25 пакувања во автомобилот на осомничените. Кога полициски службеници се обиделе да ги запрат, првоосомничениот возач на автомобилот додал гас, обидувајќи се да се даде во бегство, при што удрил во полициско комбе – наведува обвинителството.
ЈОРСМ информира дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.