По повод 8 Март, здружението на деца со пречки во развојот „Надеж“ од Кичево, на припадничките од ова здружение им подари цвеќе и пофалници за ангажманот што тие го вложиле во изминатите повеќе од две децении. Посебна плакета ѝ беше доделена на Драгица Дамјаноска, една од активистките што го формираа здружението „Надеж“ пред 21 година.
– Најзаслужни за големата грижа на децата се мајките што повеќе време се со децата, а по моја иницијатива е одлучено да им се доделат благодарници и на жените што му помогнале на ова здружение – истакна претседателот Ѓоко Митрески.
Тој нагласи дека посебна плакета во форма на срце ѝ беше доделена на најборбената мајка Драгица Дамјаноска, која 21 година се бори за подобро утре на децата од ова здружение. По доделувањето на плакетата, Дамјаноска изрази голема благодарност до здружението „Надеж“ и нагласи дека е негова членка полни 21 година и сесрдно се бори и ќе се бори за децата да бидат повеќе блиски.
Митрески нагласи дека со „Надеж“ биле во посета на повеќе градови низ државата и дека имаат одлична соработка со бизнис-секторот во општината Кичево, како и со сограѓаните. Тој најави скорашна посета на „Надеж“ на касарната во Кичево, а навести и други активности што ги очекуваат пролетва.
З.А.