На 11 март пред три години, Светската здравствена организација прогласи пандемија од коронавирус откако тој првично се појави во кинескиот град Вухан во декември 2019 година. Светот се соочи со полициски час, носење заштитни маски, ограничување на јавни настани, масовни тестирања за ковид-19, онлајн учење и работа од дома. Секојдневието на граѓаните се промени за 360 степени. Дезинфекција на секој чекор, а коронавирусот натера голем дел од популацијата да ја стави социјализацијата на пауза.
Со пристигнување на вакцината против ковид-19, мислењето на јавноста во државата, како и насекаде во светот, беше поделено. Едни едвај чекаа да се вакцинираат и да заминат во странство, каде се бараше негативен тест на коронавирус или доказ за примена вакцина. Други пак, беа скептични. околу тиа колку се безбедни вакцините, што има во нив, какви се несаканите ефекти.
Три години подоцна, последиците од пандемијата сѐ уште се чувствуваат насекаде околу нас. На многумина им беше тешко да се вратат во „нормалното секојдневие“.
Коронавирусот се уште е присутен меѓу нас. Во текот на 2023 година односно во јануари, февруари и март, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се лекувани вкупно 69 пациенти со дијагноза ковид-19, пренесува МИА, а лекувањето во моментот го продолжуваат шест пациенти. Во изминатиот период починати се седум пациенти.
-Пациентите кои во моментот се лекуваат на Клиниката се со средно-тешка и тешка клиничка слика – велат за МИА од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
Сите кои се позитивни или имале контакт со заболено лице имаат издадено решение за изолација. Сива зона нема.
Оттаму велат дека според достапните податоци, последната докажана варијанта на ковид-19 во државава е кракен подваријантата на омикрон, која е високо контагиозна и заразна.
Препораките за превенција се подеднакво исти како и за претходните варијанти, односно одржување на хигиената на рацете, избегнување на присуство во простории каде има поголема концентрација на луѓе, при кивање и кашлање да се става рака на уста сѐ со цел да се спречи ширењето на флигеовите капки.
Остануваат на важност препораките дадени во текот на пандемијата
На веб страната на Институтот за јавно здравје, секој понеделник се објавува информација за состојбата со коронавирусот во текот на неделата која поминала.
– Во текот на минатата недела, тестирани се вкупно 1.880 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на САРС-КоВ-2, со намалување од 29,1 отсто во однос на претходната недела – велат од Институтот за јавно здравје за МИА.
Од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје информираат дека од 20 февруари 2020 година до 5 март годинава, тестирани се вкупно 2.230.788 материјали. Од нив, детектирани се вкупно 347.182 позитивни случаи на ковид-19 и пријавени се 9.668 смртни случаи.
Во однос на тоа какви се шансите за нов сој на ковид-19 во нашата држава, од Институтот за јавно здравје велат дека со оглед на тоа дека се работи за РНК вирус, шансите за мутација се поголеми.
– Насоката на мутација е непредвидлива и ова се однесува на само за нашата земја, туку и воопшто, за сите земји каде што заболувањето е присутно – подвлекоа од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ.
Вакцинацијата во земјава почна на 17 февруари 2021 година. Заклучно со 5 март годинава, вакцинирани се вкупно 876.031 лица со барем една доза, а комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 857.128 лица.
Инаку, истражувања покажат дека по прележување на ковид-19 може се јават и повеќе од 50 симптоми, кои пациентите претходно ги немале, а некои и долго да траат. Така, луѓето се жалат на проблеми со разни алергии, до покажување на шеќерот во крвта, пореметување на мастите, проблеми со видот, проблеми со срцето, косопаст, психолошки проблеми, проблеми со органите за дишење, со централниот нервен систем… Кај некои има влошување на состојбите со болести кои претходно ги имале.
Поради пандемијата и намалениот обем на превентивни прегледи и контроли неповрзани со ковид-19 беше зголемен бројот на пациенти со неоткриени заболувања или влошени хронични состојби. Како ќе се надмине оваа состојба ќе покаже времето.