Во културниот центар „Јадро“ е отворена изложбата „Архитектонско и урбанистичко решение за нов студентски кампус“ на „Архитектонското (интегративно) студио 9“ и Архитектонски факултет – Скопје. Тимот што се потпишува на изложбата е сочинет од Михајло Зиноски, раководител, Котларовски Игор, Александра Марсениќ Крајчески, Наташа Тодоровска Пренк, Оливера Ќоќоровска Митиќ и Јана Брсакоска.
– Во процесот на транзицијата, по осамостојувањето на Македонија, голем број делови и урбани единици во градот Скопје останаа плански и просторно недефинирани. Една од тие урбани целини е т.н. блок на „Судската палата 1“, во кој се наоѓаат најзначајните јавни објекти од национален и општествен стандард во градот Скопје. Преку програмско и просторно истражување во предметната област, проектната задача претпоставува „иден модел“ на студентско домување и учење како дел од кампусот на УКИМ, а наедно и просторно дооформување на урбаниот блок „Судска палата 1“. Студентите ги анализираа веќе постојните студентски капацитети во Скопје на програмско и типоморфолошко ниво – велат авторите на изложбата.
Преку препознавање на генеричките обрасци на постојните објекти, анализата имаше цел воспоставување метод на трансфигурација, трансформација и транскрипција во нови типолошки конфигурации. Предложените архитектонски решенија во студиото истакнаа неколку аспекти за важноста на локацијата: присуството на јавна општествена институција во централното подрачје на градот Скопје, студентите како идна интелектуална елита на државата се корисници на објектот и високиот стандард на привремено домување во објектот изразен преку содржините што тие ги акомодираат.