Канаѓаните „Надја“ и „Уочи Токи“ од Италија синоќа одржаа концерт во Младинскиот културен центар. „Надја“ е дуо на мултиинструменталистот Ајдан Бејкер и басистката Леа Бакареф – активни од 2005 година, кои создаваат музика опишана како експериментален нојз/дум/дримслаџ/металгејз, препознатлив по тоа што ги комбинира атмосферските текстури на шугејзот со амбиентална заднина, која има тежина и густина на индустриска бучава.
Чувството на концертите на „Надја“ се како да делите попладневна дремка покрај силно мамурниот Иги Поп додека сабвуферот експлодира кај соседите од вашиот кат. Сурово, но и чудно како сон. Бејкер и Бакареф работат со оваа контрадикторност, произведувајќи звук што бара брутални, тешки монорифови и ги претвора во спектрални апстракции.
Алхемискиот процес на „Надја“ беспрекорно го трансформира тешкиот метал во апстрактна величественост и конечно во еден вид блажено распаѓање. Во својата богата кариера вклучуваат настапи на познати светски фестивали и заеднички настапи со музички артисти како „Еарт“, „Ом“, „Канате“, „Неуросис“, „Гадфлеш. По потекло од Торонто, Канада, дуото сега живее во Берлин, Германија.
Ова е нивен втор настап во Скопје, откако во 2012 година настапија во рамките на програмата „Синемјузик“ на филмскиот фестивал „Синедејс“.
Како предгрупа на канадското дуо, ВР-сет на Италијанците „Уочи Токи“, кој е магматичен ансамбл од искривени електронски ритми, мрачни амбиентални дронови и течни гличови поддржани од пирокластичен цртеж во живо во виртуелна реалност проектирана на екран. Паѓајќи во сржта на импровизацијата, овој настап станува театарска 3Д-анимација од обоени знаци, подземен проток на звуци и слики. Рико и Напо од „Уочи Токи“ го донесоа низ Европа сетот ВР што го развија минативе години во Италија.