Црвено-жолтите ќе го играат четвртиот натпревар повторно против најголемиот ривал во групата Португалија, но овој пат утре (18.30 ч.), на гостински терен
РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА ЗАГУБИ ОД ПОРТУГАЛИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИTE ЗА ЕП 2024
Македонската машка ракометна репрезентација го доживеа првиот пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2024 година (10-28 јануари) во Германија, откако во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во рамките на третиот натпревар од групата еден, загуби од Португалија со 23-29. Црвено-жолтите повторно ќе го играат четвртиот натпревар против најголемиот ривал во групата Португалија, но овој пат утре (18.30 ч.), на гостински терен во Матосињос, близу Порто. Секако, тоа е нова можност да се поправи впечатокот од дуелот во Скопје. Македонија и Португалија досега ги одмериле силите девет пати, а Португалците имаат една победа повеќе. Македонија по четири одиграни меча е втора во својата група со четири бода, додека прва е Португалија со шест. На ЕП 2024 пласман обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група, како и најдобрите четири третопласирани селекции од осумте квалификациски групи.
– Можевме да имаме и поповолен резултат, но јасно е со каква селекција игравме. Ни недостигаа фокус и концентрација, а тоа се добива само со вакви натпревари. Игравме во грч, но се надевам дека со текот на времето овие млади играчи ќе бидат подобри. Треба да поправиме од сѐ по нешто. Изгубивме многу дуели, а дефицитарни бевме на пикерската позиција. Очигледно е дека Португалија доминираше со нивната корпулентност, а со двајцата пикери што играат во Барселона и Порто не можевме да се носиме. Примивме многу голови од таа позиција иако бевме договорени да се браниме квалитетно. Најважно е да се пласираме на Европското првенство, а против селекциите на Турција и Луксембург сме фаворити. Во денешно време не се победува лесно ни на еден натпревар, но да не мислиме уште сега на тие дуели. Нѐ очекува втор меч со Португалија, да го одиграме квалитетно реваншот, оти тој дуел ќе ни послужи и како искуство за во иднина – вели селекторот Лазаров.
Португалија важеше за фаворит и пред овој натпревар, уште повеќе ако се знае дека Македонија настапи ослабена со неиграњето на неколку клучни ракометари, а расположеното десно крило Антонио Ареиа, кој беше најефикасен со 10 гола од исто толку шута (100 отсто), беше нерешлива загатка. Во македонските редови, пак, најпрецизни беа Филип Кузмановски со пет гола од осум обида (62 отсто) и Мартин Серафимов исто така со пет гола од пет удари (100 отсто). Голманот Никола Митревски имаше три одбрани од 17 обида (17 отсто), додека Мартин Томовски пет од 20 обида (25 отсто). Португалскиот голман Густаво Капдевил одбрани осум удари од 20 можни (40 отсто). Вкупниот ефект кај црвено-жолтите беше 23 гола од 36 удари (64 отсто), а кај Португалците 29 гола од 40 шута (72 отсто). Сепак, поразот е превисок, ако се знае дека Македонија во вториот дел имаше и водство од 20-19.
Во вториот ден од квалификациски натпревари за пласман на ЕП 2024, најголемо изненадувања направија селекциите на Србија и Финска. Србија во Нови Сад ја совлада фаворизираната Норвешка со 25-24, со гол во последните секунди, кој го реализира левиот бек Урош Борзаш. Финска, пак, на свој терен ја изненади Словачка, победувајќи ја со 30-27, што наедно претставува и прва нејзина победа во овие квалификации. Г.И.
Македонија – Португалија 23-29
Луксембург – Турција 29-30
ТАБЕЛА
Португалија 3 3 0 0 6
Македонија 3 2 0 1 4
Луксембург 3 1 0 2 2
Турција 3 0 0 3 0
Следно коло, недела: Турција – Луксембург (15 ч.), Португалија – Македонија (18.30 ч.)