Антверпен во Белгија е најбрзорастечкото пристаниште во Европа, а вложувањата во технологија овозможија управување со тој раст / Фото: ЕПА

Едно истражување на Светскиот економски форум откри дека дури 77 отсто од водечките економисти очекуваат компаниите да реагираат и да се справат со тешките услови со иновација по пат на оптимизација на синџирите за снабдување

Како синџирите на снабдување прераснаа во мрежи

Украинскиот конфликт, пандемијата на ковид-19 и климатските промени беа една совршена бура за глобалните синџири на снабдување. Но истовремено беа и можност компаниите да ги преиспитаат своите стратегии и да инвестираат во технологии што им помагаат да се справат со зголемената комплексност.

Пет фактори со кои се борат глобалните синџири на снабдување

Што прават шефовите на компании за да се снајдат во бурното економско време? Светскиот економски форум (ВЕФ) сугерира дека постојат пет фактори против кои се борат глобалните синџири на снабдување.
Прво, тука е инфлацијата, која вртоглаво расте. Ова значи дека милиони потрошувачи штедат, а тоа ја погодува побарувачката, но создава и несигурност кај експертите за планирање на синџирите на снабдување.
Второ, низ Европа има работнички немири. Постојат голем број свежи примери на работници што преземаат индустриска акција, делумно поради фактот што нивните плати сега вредат помалку.
Трето, недостигот од енергија и зголемените цени предизвикаа и компаниите да почнат да штедат. Тоа го ограничува производството и уште повеќе им ја усложнува работата на планерите во синџирите на снабдување.
Четврти фактор е геополитичка неизвесност, бидејќи политичките тензии и конфликти креираа уште поголеми нарушувања и неизвесност.
Петтиот фактор се екстремните климатски услови и сево ова се случува во заднината на климатските промени. Се прават промени во регулативите, но истовремено има многу реални штети и нарушувања, предизвикани од драматичните промени во временските услови.
Ова се најглавните проблеми. Но, од друга страна, едно истражување на ВЕФ откри дека дури 77 отсто од водечките економисти очекуваат компаниите да реагираат и да се справат со тешките услови со иновација по пат на оптимизација на синџирите за снабдување.

Од синџири на снабдување до мрежи на снабдување

Дали треба да има загриженост или оптимизам кога станува збор за капацитетите на бизнисите да испорачаат производи и услуги од кои зависат сите? Ранџив Менон е извршен директор на ГВЦ, водечка фирма за логистика и синџири на снабдување со седиште во Катар. Тој смета дека се појавуваат позитивни знаци.
– Глобалните синџири на снабдување закрепнуваат по речиси три тешки години. Денес сè изгледа многу поинаку. Компаниите различно се адаптираа во смисла на диверзификација на своето производство, не потпирајќи се само на еден извор или земја на снабдување. Оттука, ако го погледнете денес синџирот на снабдување, тој повеќе личи на мрежа на снабдување. Навистина, тоа ја зголемува сложеноста, бидејќи имате повеќе продавачи што испорачуваат исти производи, а тоа има влијание и врз трошокот. Меѓутоа, ова ги намалува ризиците или шоковите во снабдувањето, какви што гледавме во блиското минато – истакна тој.

Бродската испорака инвестира во технологија

Бродската испорака сè уште напојува огромен дел од глобалната економија: секоја година низ светот се испорачуваат единаесет милијарди тони стоки. Антверпен во Белгија е најбрзорастечкото пристаниште во Европа, а вложувањата во технологија овозможија управување со тој раст. Суперфутуристичка зграда гледа кон пристаништето, а нејзиниот модерен изглед е во склад со она што се обидуваат да го постигнат во оперативна смисла. Властите прават напори од неа да направат еден од светските лидери во областа на дигитализацијата. Главниот во оваа операција е Ервин Верстрален, раководител задолжен за дигитални операции и иновации на пристаништето Антверпен. Тој ја надгледува имплементацијата на т.н. „дигитален близнак“ на пристаништето за поддршка на терминали, бродски компании и внатрешни водени патишта.
Наутичката комуникација главно сè уште се одвива гласовно преку телефони и радиоврски, што го отежнува севкупното следење. Пред две години, пристаништето пилотираше еден проект за користење вештачка интелигенција за претворање на изговорениот збор во текст. Тогаш не профункционира, но сега го преработија и технологијата е толку многу подобрена, што вештачката интелигенција сега може да открие дури и расположение во гласот, така што препознава дали двајца капетани на бродови меѓусебно се расправаат.
Со површина од речиси 130 квадратни километри, пристаништето во Антверпен е 14-то по големина во светот и второ по големина во Европа. За Ервин, предизвикот за дигитализација на операциите не е застрашувачки, туку возбудлив.

Високотехнолошки системи за заштеда на простор и време

Употребата на високотехнолошки системи за заштеда на простор и време стана милијардерски бизнис. Еден од светските лидери за иновации на ова поле е „ГХО логистикс“, а Марк Мандука е нивниот главен директор за инвестиции. Денес фирмата има повеќе од 900 магацини во повеќе од 28 земји низ светот. Мандука вели дека нивната компанија била сведок на големи промени во текот на последните три децении. Тој објасни дека традиционалните трговски патишта биле ставени под значителен притисок, не само поради она што се случуваше во пандемијата или надвор од неа туку и затоа што платите значително пораснаа, така што разликите меѓу источните и западните пазари во последните десет години постепено исчезнаа.