Горан Ѓоргоноски

Иако е неблагодарно после војна генерали да изигруваме, во ситуација кога знаеме дека нивните пивоти и дузина разигрувачи на бековските позиции се најквалитетниот дел од играта на противникот, требаше да се проба малку повисока и строго плитка 5-1 зона, оставајќи им простор на нашите голмани да бранат изнудени шутеви од „лоши“ позиции на бековитe, а затворајќи ги пивотите, па и крилата. Во таа ситуација, Џонов би играл на позиција лево крило (што не му е непознато), а Младеновиќ, по рецептот на Митко Стоилов од пред 15 тина години да биде лев бек со строго одбранбени задачи и „да испрати“ во напад. Состав на играчи кои на моменти можеше да се трансформира и во класична 6-0 зона, како фактор на изненадување на притивникот

Ќе треба да се навикнеме… или ќе преземеме нешто. ВЕДНАШ.

Статистички гледано, a и според тоа како или на кој начин завршувале претходните натпревари против нашиот вчерашен противник, Македонија беше или требаше да биде благ фаворит на синоќешниот натпревар. Можеби, во некое друго време, во некои други околности… Она што вчера што го видовме во С.Ц. „Борис Трајковски“, „подмладениот“ тим дополнително „подмладен“ со отсуството на неколку стандардни репрезентативци, кои со откази под сомнителни околности, повредени, навредени, спречени од своите работодавачи, немотивирани… е моменталната реалност, далеку од северот на Европа според капацитетот, квалитетот, но и според начинот и филозофијата на поставеност на играта, реалност со која ќе мора да се соочиме и да почнеме да се навикнуваме на истата. Соочување со реалноста, како предуслов за поставување на работите на вистинското место. Во спротивно…

ВИСОКА И ПЛИТКА 5-1 ЗОНА ЌЕ БЕШЕ ПОДОБРО РЕШЕНИЕ ЗА ИНТЕЛИГЕНТНАТА ЗАДНА ЛИНИЈА И ОДЛИЧНИТЕ ПИВОТИ НА ПОРТУГАЛИЈА

Што се однесува до самиот натпревар, во фаза на одбрана, поставена беше, веројатно единствената можна варијанта, во ситуација кога Талески не е на терен и немаме уште еден играч на позиција 3 и 4. Зоната 5-1, проверена (на клупски план) со Маркоски и Џонов на заден и преден, беше очекувана, иако, имајќи предвид начинот на игра на задната линија на противникот, малку преагресивна и длабока, особено на позициите два и пет. Но, и таква функционираше добро, со сигурноста која ја даваше Митревски на голот во почетниот период. Томислав Јагуриновски го одигра , веројатно најнеквалитетниот натпревар во дресот со националниот грб, особено во оној дел на теренот каде е секогаш на завидно ниво, одбраната. Џонов покажа интелигенција на позиција преден, но и неконстантност и недостаток на фокус и трпение, кога противникот ја „држеше“ топката подолго во нападот, „отварајќи“ ја средината на нашата зона, недозволиво, имајќи предвид дека тоа е спротивно (затворена средина) на една од главните функции на позицијата на која беше поставен. Марковски, а подоцна и Стојковиќ имаа (пре)тешка задача, како задни играчи, и очекувано не успеаа да ги добијат дуелите со пивотите на Португалија. Ако тие не успеаја, на моменти успех имаа Митревски и особено Томовски, кој одбрани доста „зицери“на противникот. Сепак, онака поставени нашите двојки, длабоко, тешко добиваа дуел со брзите (релативно ниски) бекови на противникот, а нашиот заден играч на широк простор практично беше невозможно да „ги реши“ Фраде или Интуриза. За пофалба е поставеноста на нашите крајни играчи во одбрана, концентрирани и агресивни. Лазаров систематски не промени многу во овој дел на играта, во текот на целиот натпревар, менувајќи ги само актерите. Иако е неблагодарно после војна генерали да изигруваме, во ситуација кога знаеме дека нивните пивоти и дузина разигрувачи на бековските позиции се најквалитетниот дел од играта на противникот, требаше да се проба малку повисока и строго плитка 5-1 зона, оставајќи им простор на нашите голмани да бранат изнудени шутеви од „лоши“ позиции на бековите, а затворајќи ги пивотите, па и крилата. Во таа ситуација, Џонов би играл на позиција лево крило (што не му е непознато), а Младеновиќ, по рецептот на Митко Стоилов од пред 15 тина години да биде лев бек со строго одбранбени задачи и „да испрати“ во напад. Состав на играчи кои на моменти можеше да се трансформира и во класична 6-0 зона, како фактор на изненадување на притивникот.

ТАЛЕСКИ, ТАНКОСКИ И КАРАПЕЛЕСКИ ЗА МОМЕНТАЛНА ШИРИНА НА НАПАДОТ, ЃОРГОВСКИ И КОМПАНИЈА ЗА КВАЛИТЕТ ВО ПЕРСПЕКТИВА

Нападот. Многу малку може да се каже за нашиот напад синоќа. Повторно стерилен, со многу малку опции во играта, во ситуација кога, под притисок на јавноста околу изборот на одредени наши играчи, врз основа на клупски бои, се почуствува притисок кај истите, што, комбинирано со искуството кое го немаат или е минорно, доведе до ситуација да се решава нападот во прва фаза, без трпение. Џонов под принуда на неговите задачи во одбрана, стартуваше како организатор на играта во напад, што со селекции од ваков ранг не баш пријатно, особено што како бекови ги имаше, синоќа, индиспонираниот Јагуриновски и на моменти, нестабилниот Кузмановски, кој покажа дека индивидуално може да решава ситуција, но не може да испрати систем на игра. Во таква ситуација, на немоќ да се добие дуел игра, на површина излезе одличниот Петров, кој покажа дека има габарит и знаење да одигра во еден правец и да биде корисен за тимот. За жал, Македонија вчера, при изведување на седмерци, како и во некои други сегменти изгледаше несигурно, во мометни кога имавме (навидум) егал натпревар. Доколку не се „предомисли“ Талески од патот накај што тргнал во однос на националниот тим, не вклучиме уште два до три играчи во ротација (Танкоски и Карапалески), па и не вовдеме во систем играчи како Емилијан Ѓорговски, како опција на долги патеки, нападот на македонскиот национален тим нема големи изгледи потив екипи од прв и втор ешалон.

Очекуван пораз од селекција која е во константен прогрес, имајќи предвид дека нашата селекција (онаа која истрча синоќа на терен) е МОЖЕБИ нај неквалитетната последните 15-тина години наназад, но СИГУРНО нај неискусна (со натпревари од меѓународен карактер) што сме ја имале. Португалија, да бидеме реални, рутинирано, па и повеќе од тоа стигна до посакуваната цел, бодови кои ја носат во втор шешир, користејќи ја до перфекција донесената 7-6 формација во многу краток период, покажувајќи ни дека нема што да бараме на овој натпревар.

ЛИЧНИТЕ СУЕТИ ЌЕ НЀ ВРАТАТ ВО СИТУАЦИЈА КАКО НА ПОЧЕТОКОТ НА ВЕКОВ

Во ситуација кога нашиот северен сосед, со селектор странец на чело, конечно излегува од „балканскиот“ начин на функцинирање, систем на „мерење на егоа“ секој со секого, со човек кој го обедини квалитетот на едно место, за иста цел, обезбедувајќи го „Французинот“ Пешмалбек да ги брани боите на Србија и тим кој синоќа домонстрираше желба, глад за успех и потенцијал за големи работи, Македонија влегува во „лош филм“ од почетокот на веков, со приказни од типот, без секој се може, кога поради „приватни причини“ го немавме најдоброто во националниот тим и кога „го плативме“ тоа со голем пост од големите смотри. (Пре)многу е вложено во играчи како Филип Талески, Жарко Пешевски, Дејан Манасков или Марио Танкоски, за да се откажеме од нив заради „приватни причини“. Тие играчи „се должни како Грчка“ на националниот тим и на државата Македонија, која им овозможила лична промоција на меѓународен план, подигање на идентитетот на секој посебно, а како резултат на сето тоа обебедувајќи си подобри услови и договори.

Од друга страна, со цел респект кон Лазаров за минат труд во црвено-жолтитот дрес, не може и не смее , квалитетен менаџер да внесува лични проблеми во националниот тим.

Да не дозволиме антагонизмот создаден на клупски план, на моменти и вештачки и неосновано создаден, да се прелее во националниот тим.

За да не го „однесеме“ ракометот во ранг на кошарката, или одбојката!

Тогаш ќе биде предоцна.

Автор: Горан Ѓоргоноски, поранешен ракометен репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет За Секое Дете“