Хрватска

Огромно внимание во хрватската јавност предизвика изјавата на Томислав Ковачевиќ, полициски службеник за односи со јавноста во Полициската управа на Брод-Посавина. Тој изјави за медиумите дека од воведувањето на еврото на 1 јануари годинава, во Хрватска е запленето значително количество лажни банкноти, а имало обиди и да се плати со т.н. филмски банкноти.
Полицискиот службеник додаде дека ваквата практика не е нова, туку дека и претходно имало фалсификувани банкноти, но не во толкав број.
Телевизијата РТЛ, која прва ја пренесе информацијата, направи своевидно истражување, според кое само годинава во Хрватската народна банка биле откриени речиси 300 лажни банкноти од еврото, најмногу во апоени од 50 евра – речиси 200. Оттаму добиле информација дека измамниците се заинтересирани и за банкноти од 20 и 100 евра, а нешто помалку во 10, 500 и 200 евра. Тоа значи дека за нецели два месеца биле откриени повеќе фалсификувани банкноти на евра отколку во текот на целата мината година, кога биле запленети вкупно 260, а во 2021 година биле 228 банкноти.

Поради зголемениот пораст на фалсификуваните евробанкноти, кои биле забележувани најмногу во рестораните, скенерите и хемикалиите за откривање фалсификати станаа задолжителен дел од опремата на угостителските објекти, но и во други услужни дејности.
Според хрватскиот закон, оние што ќе бидат фатени од полицијата со лажни банкноти се соочуваат со затворска казна до десет години.
А во целиот овој амбиент околу лажните банкноти, информацијата од царината на Хрватска дополнително ги зголеми внимателноста и присебноста кај сите што секојдневно работаат со пари.
Имено, цариниците на граничниот премин Свилај спречиле обид за шверцување вкупно 887 банкноти во евра, за кои постои сомневање дека се фалсификувани. Според официјалното соопштение, на влезот од Босна и Херцеговина во Хрватска, на граничниот премин Свилај, кај Славонски Брод, царинските службеници извршиле преглед на приватно возило со германски регистарски таблички, управувано од државјанин на Република Србија со живеалиште во Германија. При увидот се пронајдени скриени 887 парчиња банкноти во апоени од 10 евра, за кои постои сомнение дека се фалсификувани. од Царинската управа информираат дека банкнотите и возилото се привремено одземени.

Се огласи и полицијата, која наведува дека е завршена кривичната истрага против 60-годишен државјанин на Република Србија поради сомнение дека сторил кривично дело фалсификување пари.
– Утврдено е дека 60-годишниот маж во неделата, околу 8.30 часот, со возило со германски национални ознаки дошол на граничниот премин Свилај, при што полициските и царинските службеници извршиле преглед на возилото. При преглед на автомобилот пронашле над 800 банкноти во апоени од 10 евра, за кои подоцна било утврдено дека се фалсификувани – наведоа од полицијата.

Автор: Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Сплит, Хрватска