Фото: Игор Бансколиев

Најавите за одземање на владината помош за фирмите од прехранбениот сектор што не ги намалија цените на своите производи нема да ја променат одлуката кај домашните компании. Преработувачите аргументираат дека се направени извесни корекции на цените и дека не може да се оди со дополнителни намалувања…

Јануарските податоци за инфлацијата го стопија оптимизмот кај потрошувачите

Пониските цени на нафтата и на гасот на светските берзи, како и субвенционираната цена за домашните преработувачи во Македонија, многу слабо или воопшто не влијаеја на намалување на цените на основните прехранбени производи. Купувачите ќе продолжат да ги плаќаат повисоките продажни цени, кои беа последица од високата инфлација во минатата година. Најавите за одземање на владината помош за фирмите од прехранбениот сектор што не ги намалија цените на своите производи нема да ја променат одлуката кај домашните компании. Преработувачите аргументираат дека се направени извесни корекции на цените и дека не може да се оди со дополнителни намалувања.
Ова значи дека високите цени на храната ќе продолжат да важат и оваа година. За обележување е дека нешто слично говорат и прогнозите на меѓународните компании од областа на прехранбената индустрија, кои се жалат на високите трошоци на производство! Деновиве извршниот директор на „Нестле“, која е најголемата светска групација за храна, излезе со предупредување дека цените на основните артикли може дополнително да се зголемат оваа година.
– Како и сите потрошувачи низ светот, ние бевме погодени од инфлацијата и сега се обидуваме да ја поправиме штетата што е направена – рече Марк Шнајдер, извршниот директор на „Нестле“.
Тој не прецизира кои производи на компанијата, кои опфаќаат замрзната храна, кондиторски производи и детска храна, ќе бидат погодени од зголемувањето на цените.

Со слични прогнози излегоа и од други меѓународни компании, а главниот финансиски директор на „Унилевер“, Грем Питкетли, изјави дека „компанијата очекува цените на храната значително да се зголемат во 2023 година“.
Во земјите со ниски приходи, посиромашните домаќинства веќе се соочуваат со сериозен недостиг од храна, а изложени се и на поголем ризик од сиромаштија поради повисоките трошоци за енергија. Домаќинствата во земјите со повисоки приходи исто така го почувствуваа влијанието на зголемувањето на цените на енергентите, но поверојатно е дека ќе можат да ги апсорбираат во домашните буџети, се вели во извештајот што го објави списанието „Нејчр енерџи“.
Со мерките што ги презеде македонската влада за смирување на порастот на цените беа постигнати симболични резултати. Основните прехранбени производи поевтинија незначително, само два-три денари, поради што министерот за економија на преработувачките компании им даде рок до крајот на месецов сите компании од прехранбениот сектор што користат државна субвенционирана струја да ги намалат цените на своите продукти.
– Таа цена на електрична енергија треба да важи до 1 април. Така што ние имаме речиси уште еден месец, а ако денеска почнат процедурите, малку е веројатно дека ќе ги завршат до наведениот термин. Овие денови цените на енергентите на берзите исто така се нивелираа во минус, така што има поповолни цени, дури и оние цени што се на регулираниот пазар се на повисоко ниво од берзанските – изјавија од Сојузот на стопанска комора.

Очекувањата на експертите за оваа година се дека цените ќе продолжат да растат, но дека тоа ќе биде со побавна динамика во однос на 2022 година.
– Сите очекувања се дека инфлацијата и во 2023 година ќе биде доста висока. Нашиот институт, конкретно, проектира дека инфлацијата во Македонија ќе изнесува 10 отсто за цела 2023 година, што е можеби малку пониско од овие 14,2 отсто од 2022, но е сепак исклучително високо ниво – изјави Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски односи.
Според него, најновите податоци покажуваат дека цените имаат мало намалување, што е позитивно, затоа што е прво намалување по речиси година и половина континуиран раст.
– Сепак, намалувањето е минимално и се должи на мерката на Владата за субвенционирање на цената на струјата на одредени компании од прехранбената индустрија. Поради фактот што ова намалување од декември е од еднократна природа, односно поради владината мерка за струјата, очекувањата за наредниот период се дека цените ќе продолжат да растат – рече тој.
Последните податоци од ЕСМ покажуваат дека вкупно 240 фирми користат субвенционирана струја. Цената што ја плаќаат е 80 евра за мегават-час, а во моментов на берзата чини околу 140 евра. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во јануари 2023 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100,1, додека за истиот период цените на мало се намалиле за 0,4 отсто!
Пораст на индексите на трошоците на животот во јануари 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај кафето, чајот, какаото за 1,9 отсто, свежото и разладеното овошје за 1,2 отсто, жестоките пијалаци за 1,1 отсто, месото за 0,6 отсто, лебот и житата за 0,5 отсто.

М.Ј.