АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СП 2023

Шмид ѝ го донесе на Германија првиот златен медал во машка поединечна конкуренција на СП по 1989 година
Норвешката скијачка Мари Тереза Твиберг го освои златниот медал во паралелно скијање на Светското првенство (СП) што се одржува во француските скијачки центри Куршевел и Мерибел. Твиберг до златото стигна победувајќи ја во финалето Венди Холденер од Швајцарија за 0,67 секунди. Бронзениот медал го освои уште една Норвежанка, Теа Луис Стјернесунд, добивајќи ја борбата за третото место против Французинката Мари Ламур, чија скија се откачи за време на трката.
Во машка конкуренција, пак, златниот медал го освои Германецот Александер Шмид, кој во финалето имаше за 0,9 секунди подобро време од Австриецот Доминик Рашнер. Во борбата за бронзениот медал, Норвежанецот Тимон Хауган го победи Австриецот Адријан Пертл.
Вчера на СП беше натпреварувањето во велеслалом во женска конкуренција, на која македонската претставничка Јана Атанасовска не успеа да ја заврши првата трка. Таа стартуваше како 66-та, но направи грешка, што значеше и нејзин предвремен крај. Г.И.