Боксерите од Шведска и од Канада нема да учествуваат на претстојното Светско првенство (СП), приклучувајќи му се на бојкотот што веќе го водат САД и Ирска поради вклучувањето на руските и белоруските спортисти, како и проблемите со организаторот. Женскиот боксерски шампионат треба да се одржи во Њу Делхи, Индија (15-25 март), а машкиот во Ташкент, Узбекистан (1-14 мај).
Машкото и женското првенство ги организира Светската боксерска асоцијација (ИБА), чиј претседател е Русинот Умар Кремљев, а руската енергетска компанија „Газпром“ е најголем спонзор на ИБА. Боксерското тело им дозволи на натпреварувачите од Русија и Белорусија да учествуваат со нивните национални знамиња и химни.
ИБА предупреди дека ќе спроведе „силни санкции против оние што ќе иницираат и ќе се приклучат на бојкотот за учеството“. Во декември лани, ИОК ја зголеми можноста боксот да биде исклучен од Игрите во Париз во 2024 година, обвинувајќи ја ИБА дека „нема вистински интерес“ за спортот или за неговите спортисти. Боксот не е ни во почетната програма за ЛОИ во Лос Анџелес во 2028 година, во очекување на реформите што ги бара ИОК, по поплаките за проблеми со неговото управување. Г.И.