Овој спортски настан всушност претставува пресвртница за шахистите со телесна попреченост и отсега ќе се одржува на секои две години

ПРВА ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА ЛИЦА СО ТЕЛЕСНА ПОПРЕЧЕНОСТ

Репрезентацијата на Полска убедливо триумфира на првата Шаховска олимпијада (ШО) за играчи со попреченост, која се одржа во Белград, Србија. Со овој прв шаховски настан од ваков вид, шахистите со попреченост ја покажаа својата шаховска моќ на светската сцена, односно на ШО посветена токму на нив. Овој спортски настан всушност претставува пресвртница за шахистите со попреченост и отсега ќе се одржува на секои две години како ШО. Во шест натпреварувачки дена за титулата се натпреваруваа 26 репрезентации, со вкупно 116 учесници, од кои двајца ВМ, 12 ИМ, еден ЖИМ, 14 ФМ, две ЖФМ.
Полска (2.327 рејтинг-поени), која беше прв фаворит пред почетокот, предводена од велемајсторот со оштетен вид (ВМ) Марчин Тазбир (2.507, рангиран прв), до златниот медал стигна мошне самоуверено, совладувајќи ги сите свои противници, освојувајќи 10 екипни бода и 17,5 поени по табли. Селекцијата на шахисти со телесен инвалидитет (ИПЦА) го освои второто место со 10 бода (17), додека четири селекции, Филипини, Индија, Србија 1 и Узбекистан, го поделија третото место, со по осум меч-поени. Сепак, филипинскиот состав го освои бронзениот медал по дополнително одиграниот тајбрејк. Македонија немаше право да учествува на оваа ШО, оти настапот на селекциите се одредуваше по континенти. Се играше на четири табли, со темпо од 90 минути за 40 потези, плус 30 минути до крајот, плус 30 секунди за секој одигран потег по играч. На ШО како меч-арбитар, правдата успешно ја делеше и истакнатиот македонски интернационален шаховски судија Иван Кочовски.
Во рамките на ШО, а по повод 100 години од раѓањето на најпознатиот српски ВМ, Светозар Глигориќ, се одигра турнир во брз шах (три минути плус две секунди за секој потег по играч), на кој настапија 100 играчи (21 ВМ, 27 ИМ). Победи Русинот Алексеј Сарана (2.717) со девет поени, пред Грузиецот Мераб Гагунашвили (2.534) и Русинот Александар Предке (2.586). и двајцата со по 8,5 поени. Г.И.