Шеесет години откако Елисејскиот договор му стави крај на двовековното непријателство и воспостави плодно партнерство меѓу Германија и Франција, де факто лидерите на Европа имаат несогласување за тоа како да се справат со повеќе економски и геополитички предизвици. Судбината на Европа може да зависи од нивната способност да најдат заеднички јазик

Од редефинирањето на партнерството старо 60 години зависи судбината на Европа

Во јануари 1963 година, германскиот канцелар Конрад Аденауер и францускиот претседател Шарл де Гол го потпишаа билатералниот Елисејски договор, со кој двајцата поранешни непријатели официјално им ставија крај на двовековната антипатија и крвопролевање и се обврзаа да воведат нова ера на соработка.
Потпишан пет години по стапувањето во сила на Римскиот договор, Елисејскиот договор беше многу симболичен и ги постави темелите Германија и Франција да станат де факто лидери на Европската Унија. Партнерите во ЕУ од искуство знаат дека ништо не може да оди напред ако Франција и Германија не се на иста страна и дека француско-германскиот консензус генерално го отвора патот до поширок договор.
Врската имаше свои подеми и падови во текот на децениите. Помеѓу 2010 и 2015 година, постојаната несинхронизираност на Германија и Франција да се договорат за тоа како да одговорат на еврокризата ја доведе валутната унија на работ. Но, од друга страна, во 2020 година, во рок од два месеца откако ковид-19 ја погоди Европа, на пример, двете земји смислија акциски план, кој подоцна ја формираше основата на одговорот на ЕУ за пандемијата.
Сега, лидерството е потребно повеќе од кога било. Соочена со голем број внатрешни и надворешни предизвици, ЕУ мора да ги преиспита своите приоритети, а можеби и својата цел.

Застој по сите основи

Европскиот проект порано се дефинираше себеси во однос на економската и политичката интеграција, но интеграцијата е во застој, а понатамошниот напредок – во области како што се банкарството и финансиите, енергијата и дигиталните услуги – се соочува со значителни пречки. ЕУ е исто така производ на глобалниот поредок заснован на правила, но повоениот систем што ја роди Унијата се распаѓа со забрзано темпо. Европските лидери го земаа континенталниот мир здраво за готово, но руско-украинскиот судир докажува спротивно.
Во време на ескалација на геополитичките тензии, Германија и Франција мора да помогнат во редефинирањето на целите и приоритетите на европскиот проект. Но двете земји имаат несогласување за неколку клучни предизвици, вклучувајќи ги и кризата со природниот гас и иднината на енергетскиот систем на Европа; соодветниот одговор на американскиот Закон за намалување на инфлацијата (ИРА); одбранбената интеграција; како и позицијата на блокот во однос на Кина.
Токму овие предизвици беа издвоени во заедничката изјава на претседателот Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, по повод одбележувањето на 60-годишнината од Елисејскиот договор.

Француско-германските актуелни фактори за дисхармонија

Неколку фактори се во основата на француско-германската поделеност. За почеток, на Шолц и на Макрон им недостига лична хемија. Тие, исто така, се наоѓаат во необични внатрешнополитички ситуации во своите земји. Имено, Шолц се бори да управува со трипартиска коалиција, а Макрон се обидува да владее без мнозинство во Националното собрание.
Но постојат и подлабоки причини. Имено, промената на глобалната динамика на моќ доведе до повторно појавување на долготрајни разлики меѓу француската и германската економска филозофија. Додека Франција го смета разоткривањето на повоениот систем како можност да го потврди својот суверенитет, Германија ја гледа оваа тектонска промена како потенцијално летална закана за нејзиниот економски модел. Во очајнички напор да го зачува својот статус на извозна сила, Германија бара диверзификација на трговијата, притискајќи за нови трговски договори на ЕУ со САД, азиските земји и Обединетото Кралство.
Добрата вест за Унијата е што разликите не се премостливи. Преференцијата на Франција за производство на стратегиски важни стоки во ЕУ и целта на Германија за диверзификација на трговските односи се дополнуваат една со друга. Сепак, за да се премости јазот, двете земји мора да се договорат за заедничка стратегиска рамка, а во тој поглед сѐ уште се далеку.
Енергијата е пример. Додека Франција гледа на нето-нула транзиција како можност за враќање на енергетската независност и планира масовно да се потпира на нуклеарната енергија, Германија ја сметаше транзицијата како можност за трговија со водород и обновлива електрична енергија, при што природниот гас служи како мост меѓу сегашноста и идните системи – додека војната во Украина не ги уништи овие планови на почетокот. Германија сега е растргната помеѓу соништата за позелена иднина и мрачната реалност на зависност од увоз на гас
Изборите што ги прават земјите за време на кризи ја обликуваат нивната иднина, понекогаш неповратно. ИРА, потписното законодавство за климатски промени на администрацијата на Бајден, може да биде пресвртница. Климатската стратегија на ЕУ беше дизајнирана да биде фискално неутрална и компатибилна со принципите на глобалната конкуренција. Со ИРА, САД избраа спротивна стратегија. Далеку од тоа дека е фискално неутрална, ИРА масовно се потпира на субвенции и е намерно нарушувачка, имајќи предвид дека субвенциите се условени со посветеноста на компаниите да отвораат работни места во САД и да ги исплаќаат преовладувачките плати.
Европските лидери сè уште не одлучиле дали треба да се обидат да ја имитираат ИРА, за која тврдат дека ги дискриминира компаниите со седиште во ЕУ, и да се впуштат во трка за субвенционирање или да се изградат на нејзината ДНК и да се борат со сопствените трговски и конкурентски инструменти. Неодамнешните декларации сугерираат дека тие се наклонети кон првата опција.
Кога станува збор за одбраната, војната во Украина ја нагласи итната потреба двете земји да ги ревидираат своите безбедносни стратегии. Додека војската на Германија е нефункционална, француската армија беше изградена за мали интервенции. Но наместо да работат заедно, земјите повторно се во судир. Франција беше вознемирена од одлуката на Германија да се потпре на американското вооружување наместо да инвестира во градењето на европските одбранбени капацитети. А Германија, од своја страна, се сомнева дека Франција – единствената земја-членка на ЕУ со нуклеарно оружје – на крајот ќе го прошири францускиот нуклеарен чадор надвор од националните граници.
Избрзаниот компромис нема да биде доволен за премостување на суштинските разлики. Франција и Германија мора да го започнат тешкиот процес на средување на прашањата што стојат на патот за подлабока интеграција и да воспостават реални цели и очекувања. Редефинирањето на партнерството старо 60 години никогаш не е лесно, па затоа мора да го сторат тоа сега. Од тоа може да зависи судбината на Европа.

Жан Писани-Фери

(Авторот е виш соработник во бриселскиот аналитички центар „Бројгел“ и виш нерезидентен соработник во институтот за меѓународна економија „Петерсон“, држи катедра Томазо Падоа-Шиопа на Европскиот универзитетски институт)

 


Марко Трошановски, претседателот на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“, со својата анализа за спроведувањето на Елисејскиот договор, 60 години по потпишувањето од страна на Шарл де Гол и Конрад Аденауер, од македонска перспектива ги антиципира современите процеси во Европската Унија, значајни и за Македонија, од аспект на нашите аспирации за евроинтегрирање

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ДЕМОКРАТИЈА „СОСИЕТАС ЦИВИЛИС“ СО СВОЈА АНАЛИЗА НА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЕЛИСЕЈСКИОТ ДОГОВОР

Договор што ги надмина рамките на националните суети

Шеесетгодишнината од Елисејскиот договор е нова историска одредница во која Германија и Франција треба повторно да ги обмислат заедничките „големи“ теми: реформата на ЕУ, безбедносната политика, енергијата, миграцијата, како и економските прашања поврзани со индустријата. Сепак, годишниот состанок на државни делегации, на кој обврзува договорот, на крајот од 2022-та, беше одложен поради очигледните несогласувања на двете европски сили околу гореспоменатите теми. Многумина, делумно со право, беа загрижени за иднината на ЕУ во која главните двигатели не се согласуваат, а блоковската поделеност помеѓу земјите-членки го ослабува нивното водство.
Во делот на безбедноста, двете носечки европски земји се разделуваат околу прашањето на т.н. стратегиска автономија, што подразбира Европа самостојно да ги зајакне своите одбранбени капацитети, наспроти германското потпирање на НАТО/американската поддршка. Дополнително, формирањето европски ракетен штит, кој го протежира Германија заедно со повеќето источноевропски земји (без Полска), не најде поддршка во Франција, која се потпира на својот нуклеарен арсенал.
Во делот на енергетиката, повторно постојат поделени визии. На пример, Франција се потпира на својата нуклеарна енергија и испреговара поврзување на гасната и водородна инфраструктура преку Пиринејскиот Полуостров, договор што првично не ја опфати германската страна, која е фокусирана на енергетска транзиција преку обновливи извори.
Од економски аспект, американскиот акт за намалување на инфлацијата поради кризата вшприца во нивната економија околу 400 милијарди евра, што се протолкува како протекционизам од страна на Европа и нарушување на правилата на игра. Европските земји побрзаа да го направат истото тоа, но притоа со многу некоординирани стратегиски одлуки, често и еднострано преземени, што беше уште една искра што потенцијално може да се разгори…
Сепак кризниот менаџмент со војната во Украина покажа и многу примери на едногласност помеѓу Париз и Берлин – пакетите за санкции кон Русија, испраќањето воена помош, потребата од внатрешна реформа на ЕУ. Во последната, иако има различни модалитети фаворизирани од двете земји, сепак постои консензус дека проширувањето треба да се случи. Промената на принципот на одлучувања во ЕУ, кој е заложник на императивот на едногласност и кој ја подрива можноста ЕУ ефективно да реагира во динамични и променливи геополитички ситуации, исто така ги обединува двете земји.
Во секој случај, очигледна е посветеноста да се најдат заеднички именител и заемно прифатливи решенија, поради тоа што придобивката на Елисејскиот договор и неговата важност за целиот континент, и особено за двете земји, оди отаде каква било национална гордост и инает, особено во воени времиња.