Според Европскиот центар за следење дрога и зависност од дрога повеќето млади луѓе во Западен Балкан користат канабис, а тоа важи и за младите во земјава, судејќи според билтените на МВР / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оваа дрога дејствува релативно брзо и има ефект сличен на екстази. Може да биде во различни пакувања и во различна состојба, почнувајќи од прав, па сѐ до таблети. Нејзиното консумирање предизвикува забрзана работа на срцето, покачување на притисокот, чувство на прекумерно потење до ниво на дехидрирање, покрај тоа, предизвикува грчење на мускулите на лицето и вилицата, но и на целото тело. Може да доведе и до епилептични напади, респираторен застој, па дури и смрт

Нова опасна и лесно достапна дрога наменета за најмладите, во рани тинејџерски години, е пронајдена во белградските училишта. Токму тоа е причината за предупредувачките, а наедно и вознемирувачки пораки што деновиве пристигнуваат на социјалните мрежи, но и на вајбер-групите во регионов, а и во нашата земја.
Имено, на апелите и предупредувањата се придружија и директори и наставници на повеќе белградски училишта, кои предупредуваат дека „постои сериозна опасност“, а се обраќаат и кон родителите. Имајќи предвид дека Србија не е многу далеку од нас, овие предупредувања треба сериозно да се сфатат, затоа што лошите навики и лошото однесување прво и најлесно ја минуваат границата. Ако на ова додадеме дека криминалците што ја продаваат оваа дрога за деца не ги интересира пазарот каде што ќе ја продаваат дрогата, туку исклучиво и само нелегалната богата заработувачка, тогаш е јасно зошто е потребно сите инволвирани да бидат крајно внимателни.

РОДИТЕЛИТЕ НА ШТРЕК

На социјалните мрежи кружи предупредувачка порака за родителите на белградските ученици бидејќи во училиштата, наводно, се појавила нова опасна дрога позната како дрога за деца или „кидс-дрога“. Станува збор за дрога во вид на гума за џвакање. И покрај тоа што од српското министерство за внатрешни работи ги смируваат родителите и велат дека досега таква дрога не е пронајдена, сепак, родителите се видно вознемирени и на штрек.
Според тамошните експерти, најверојатно името е искористено за други дроги што се веќе познати, а спаѓаат во групата лекови познати како амфетамини.
Според познавачите на оваа област, сите земји што се членки на Европскиот центар за мониторинг, секојдневно добиваат информации за новодизајнираните дроги во светот на основа на што се следи дали тој вид дрога ја има и кај нив.
– Тоа значи дека ако која било илегална лабораторија направи одредена психоактивна супстанција и ако се докаже дека таа дрога ја има некаде во светот, информацијата ќе биде доставена и до сите земји-членки – велат познавачите.
Според нив, името „кидс“ е искористено за да се наметне ново име на дрога што веќе е позната. Според описот, станува збор за група лекови што припаѓаат во категоријата амфетамини, односно, мефедрини. Овие лекови се изумени одамна, во дваесеттите години на минатиот век, а повторно се ставени во употреба околу 2008 година.
– Се работи за лекови што подоцна биле категоризирани како психоактивни и поради тоа се ставени на негативната листа и се забранети во сите земји во светот – велат експертите.

КАКО ДЕЈСТВУВА ДРОГАТА?

Оваа дрога дејствува релативно брзо и има ефект сличен на екстази. Може да биде во различни пакувања и во различна состојба, почнувајќи од прав, па сѐ до таблети. Меѓу корисниците и дилерите е прозната под имињата „ка“, „мјау-мјау“, но и „бабл“, што би можело да асоцира на гума за џвакање.
Само во Азија постојат илјадници приватни лаборатории чија задача е да произведуваат нови дроги и тие нови дроги им се добро познати на експертите, со тоа што се додаваат некои ситни измени. Сите тие можат да се купат на интернет под збирното име „новодизајнирани дроги“. Припаѓаат на групата стимуланси, односно опијати. Првичниот ефект на оваа дрога е потребата за блискост со другите.
– Тоа се дроги измислени за човекот што е под нејзиното дејство во првиот момент да се чувствува пријатно, да сака да се зближи со другите, а нејзиното дејство се засилува додека корисникот слуша музика. Нешто слично како кога се појавија екстазите на забавите, кога таму беше нивната првобитна консумација, но и најголемиот број консументи – велат експертите.
Покрај тоа, оваа дрога предизвикува забрзана работа на срцето, покачување на притисокот, чувство на прекумерно потење до ниво на дехидрирање, покрај тоа, предизвикува грчење на мускулите на лицето и вилицата, но и на целото тело. Може да доведе и до епилептични напади, респираторен застој, па дури и смрт.

Контрола од страна на родителите е апсолутно неопходна

Родителите многу тешко можат да ја откријат оваа дрога, велат експертите, но сепак има елементи што ќе укажат дека има основа да се посомневаат, но и брзо да реагираат.
– Тоа се дроги што го носат името „клупски дроги“ или „социјални дроги“, бидејќи најчесто се користат во друштво, а најмногу и најчесто на забави или на некои хепенинзи и специфични фестивали. Родителите лесно можат да препознаат дали нивното дете користело од оваа дрога. Има проширени зеници, претерано се поти, бара големи количества вода, изгледа необично и чудно се однесува, а може да има и халуцинации – велат експертите.
Нејзиното дејство почнува петнаесетина минути по внесувањето во организмот и трае околу пет-шест часа.
Може да се најде во различни пакувања, а дали станува збор за дрога, може да се дознае само со хемиска анализа од страна на експерти во таа област.

МВР: ВО МАКЕДОНИЈА засега ЈА НЕМА „КИДС-ДРОГАТА“

За среќа, во земјава оваа дрога ја нема. Според податоците од Министерството за внатрешни работи, кај граѓаните во земјава, најзапленувана дрога е марихуаната, а по неа е кокаинот. „Кидс-дрогата“ не е пронајдена во нашата земја.
– Досега на територијата на Македонија не е пронајдена наркотична дрога во таква форма. Што се однесува за тоа која е запленувана дрога, најмногу на територијата на државата е марихуаната, а потоа кокаинот – информираат од МВР.
Родителите сепак се загрижени бидејќи сметаат дека тоа што станува збор за соседна земја е доволен аларм дека оваа дрога им е достапна и на нашите деца.
Според извештајот на Европскиот центар за следење дрога и зависност од дрога објавен кон крајот на минатата година, повеќето млади луѓе во Западен Балкан користат канабис, а тоа многу лесно може да се потврди и за младите во земјава, бидејќи секојдневните билтени што МВР ги објавува се преполни со информации за запленето одредено количество марихуана.
Во извештајот е нагласено и како Западен Балкан стана клучен играч на регионалниот и на европскиот наркопазар. Причината за тоа е делумно во географската положба на регионот, кој се наоѓа на раскрсницата на главните патишта за шверц на дрога, најмногу на хероин и канабис, но сè повеќе и на патиштата на кокаин и синтетичките дроги.
Канабисот е најчесто користената недозволена дрога во регионот на Западен Балкан. Ова го посочуваат резултатите од европското истражување за лекови од 2021 година во пет земји од регионот. Извештајот покажа дека во просек 87 проценти од оние што користеле канабис во изминатите 12 месеци користеле хербален канабис, а 24 проценти пријавиле дека користеле смола од канабис.
Меѓу анкетираните, највисоки нивоа на пријавена употреба на смола од канабис се пријавени во Албанија (54 проценти) и во Косово (34 проценти). Најниска употреба е пријавена во Србија (седум проценти) и во Црна Гора (девет проценти). Маслото или екстрактот се најпопуларни во Македонија (27 проценти).


Никотински производ во ќесички за чај

Покрај оваа дрога, во предупредувањата од експертите до пошироката јавност е издвоен уште еден екстремно штетен производ, кој не е психоактивна супстанција, но сепак е штетен за младите. Станува збор за никотинскиот производ „снус“, кој всушност е влажен тутун што се пакува во мали ќесички налик на минијатурни ќесички за чај. Можат да се купат во пакување од десет или 20 ќесички во алуминиумска кутија. Тие мирисаат на цигара, но имаат арома на еукалиптус или некое овошје.
Тие се консумираат така што се сместуваат на непцето во устата и се шмукаат. Станува збор за никотинско средство што се користи само во четири земји, Шведска, Данска, Унгарија и Естонија, а во другите земји на ЕУ е забрането.
Екстремно е опасно затоа што неговото дејство почнува релативно брзо и има голема доза никотин. Ако една цигара содржи од 0,3 до 0,5 милиграми, оваа ќесичка содржи од 1,5 до три милиграми никотин.

[email protected]