Во Македонија ние не мора да размислуваме за тоа зашто нашите политички лидери си се фокусирани на едно – европската перспектива што нема алтернатива. Не ги засега тоа што светот се менува и иако сè уште е западен и наскоро може да биде заменет со свет на „мултиусогласување“, каде што земјите ќе избираат свои посебни политики и преференции и интереси
Војната на Русија против Украина ќе има последици што ќе се прошират многу подалеку од Европската Унија и безбедносната и одбранбената политика на државите на нашиот континент, секако, вклучувајќи нѐ и нас. Всушност, оваа војна е највидливиот и најтрагичен доказ досега дека светот е во драматичен процес на промени. Она што секој го гледа, нашата политика не може да го види. Не гледа дека евроатлантскиот регион повеќе не е единствениот глобален центар на гравитација денес; се натпреварува со индопацифичкиот регион. Се приближуваме до крајот на европската ера, која опфаќа околу 600 години. Но што се случува кога интегративната стратегија на Европа ќе се судри со дијаметрално спротивна, конфронтирачка стратегија, како онаа на Русија, и земја што е подготвена да прифати значителни економски неповолности за да ја прошири својата геополитичка база на моќ? Досега Европа можеше да смета на поддршката на САД како лидер на слободниот свет и на подготвеноста на претседателот Бајден да се судри со странска сила на европско тло во интерес на трансатлантските односи. Меѓутоа, на долг рок, можеби Европа нема да може да ја земе здраво за готово таа поддршка, бидејќи Соединетите Американски Држави први ја препознаа и ставија име на промената на глобалната оска на моќта.
Ние сме современи сведоци на тектонска промена во оските на моќта во нашиот свет – промена што влијае и на економските и на политичките моќи и на моделите на општествено организирање. Но како ќе изгледа новиот светски поредок? На кои принципи ќе се заснова и кој ќе обезбеди тие да се почитуваат? Сè уште не е целосно јасно каков може или треба да биде новиот светски поредок. Американскиот политиколог Јан Бремер ја измисли фразата „G-Zero“ за да го опише светот по Пакс американа со отсуство на јасно лидерство и без „хегемон“ или чувар на меѓународниот поредок: нестабилен свет со повеќе стожерни држави.
Во деценијата што доаѓа различни нации ќе се борат за влијание во новиот глобален поредок. И исходот можеби нема да биде онаков каков што очекуваме, особено не онаков каков што очекува Европа, бидејќи да се има економска предност повеќе не е единствениот одлучувачки фактор. Всушност, ерата на геоекономијата се заменува со нова доба на геополитиката. Моќните интереси ќе ја заменат економската сила како „валута“ на меѓународната политика. Потенцијалните добивки на политичката моќ и геополитичкото влијание врз создавањето нов глобален поредок се поважни од економската предност на ефикасната глобална економија без конфликти заснована на поделба на трудот. Геополитиката ја заменува геоекономијата. Русија ги гледа западните санкции како еден вид „данок на супермоќ“ што треба да се плати за да се биде архитект на новиот глобален поредок.
Предолго Европа сакаше да се развива во својот простор и да ги држи меѓународните проблеми што подалеку, обликувајќи го светот по свои услови за прашања како што се климатските промени и човековите права, избегнувајќи да биде вклучена во тешки безбедносни прашања. Војната во Украина беше повик за будење. Во целиот овој процес на менување на светскиот поредок Европа е свесна дека многу лесно може да биде заобиколена. Со цел да избегне вакво сценарио, претседателот Макрон потврди дека кога се менуваат околностите, треба да се сменат и институциите, нудејќи нов модел на нејзино политичко организирање како храбар начин за независна Европа да ги раздвижи своите мускули.
Всушност, за Макрон војната во Украина ја промени играта, правејќи ја Европа пообединета на начин што не е познат досега. Она што го посакуваше Макрон се остварува – Европа покажа дека може да игра многу посилна улога во новиот светски поредок, силно позиционирајќи ја како активен играч во неговото моделирање.
Ако само размислиме како лидерите на денешницата се справуваат со глобалните кризи, ќе сфатиме колку се промени светот во просторот од само неколку години. Во Македонија ние не мора да размислуваме за тоа зашто нашите политички лидери си се фокусирани на едно – европската перспектива што нема алтернатива. Не ги засега тоа што светот се менува и иако сè уште е западен и наскоро може да биде заменет со свет на „мултиусогласување“, каде што земјите ќе избираат свои посебни политики и преференции и интереси. Не гледам дека, за не дај боже, презема некакви мерки за приспособување на геополитичката реалност. Ниту можам да видам некаков изменет проактивен, прагматичен и урамнотежен надворешнополитички курс. Политика што не добива не се менува. Дефинитивно би вредело Македонија во својата надворешна политика да се обиде со нов пристап. Зашто светот нема да чека на нас.
Проф. Звонимир Јанкулоски