Сѐ што се договара е лично, во четири очи и без сведоци

Не можам да претпоставам кому се не му дојдоа преку нос информациите за влегување на Алијанса на Албанците во Владата. На сите телевизии, на сите портали, Ковачевски и Таравари и нивната нова коалиција. Како да се решава иднината на светот, како да се решава минималната месечна плата да биде 1.500 евра, ни цент помалку. Ова може да се случува само во ваква растурена, вонуставна држава каква што станува Македонија. Те ќе се засилува собраниското мнозинство, кое очигледно го нема, те ќе блесне европска иднина како гулаб на сонце, те европски фронт во кој ќе нема Македонци, те опасност од руско влијание. Само Бугарите во преамбулата на Уставот како конститутивен народ се сигурни на што се. И никој не се осмелува да им ги отвори очите на граѓаните пред една ваква вешто режирана, но сепак глупава, здодевна забава за народ.
И од авион се гледа дека и во овој политички рингишпил сѐ е сведено на доктрината колку места за мене, колку места за тебе, колку тендери мене, колку тебе. Освен празните зборови за Европа, за европската иднина, другото е список за места и борба за освојување терен за неконтролирано трошење државни буџетски пари. Нема тука трага од идеологии или национални интереси, со боринка да се бараат нема да се најдат. Затоа можеби и нема трага ниту од пишани документи, што е всушност договорено, кои се допирните точки, кои се заедничките и државните цели што треба да се реализираат.
Пред секои избори трите најголеми партии во Македонија, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и нивните коалициски партнери изготвуваат свои партиски програми сместени во дебели, спонзорски луксузно печатени книги. Ако се прочитаат на првите две ќе се види дека и едните и другите, кога се на власт, не го прават она што го има зацртано во програмите туку она што во нив го нема. Ниту едната партија ја чита со внимание програмата на другата, ниту другата на првата. Не се прави некоја споредбена анализа, туку се приоѓа кон другата со отпор и потценување.
Програмата на ДУИ, си ја знаат само тие од ДУИ, затоа партијата е најуспешна, најдолготрајна и најбогата. Нејзините кадри, главно бивши ленинисти – марксисти, но и новообразовани, го имаат совладано учењето на Ленин трансформирано во капитализам и затоа од петтолетка во петтолетка, стануваат сѐ посилни, помоќни и пораспространети низ административните кабинети. Нивната брза пенетрација во владеењето со македонската политичка сцена заслужува највисоки оценки. Таа стратегија и тактика вреди да се изучуваат. Исто и нивната способност со трикратен капацитет на интелигенција да ги совладуваат своите македонски колеги и да ги доведуваат во позиција на нивни послушни слуги.

И СДСМ и ВМРО–ДПМНЕ биле во собраниска коалиција со ДУИ. Таа соработка минувала низ разни фази, ретко кога лоши или неефективни. Сите пројавени недоразбирања биле вербални, ништо суштински. Тендерите и провизиите биле факторот на помирување. При склучувањето на коалициите нема ништо написмено што би се видело на светлото на денот. Сѐ што се договара е усно, лидерски, во четири очи. Нема документ, нема записник и без многу сведоци. Пракса што одамна се раширила од Јужна Италија, од Сицилија низ светот, а најде и на плодна македонска почва.
Никакви пишани договори нема ниту во самите партиски коалиции, во кои се вклопуваат партии со различни идеолошки, економски, национални и религиски гледања и верувања. Главната идеологија се партиските и личните интереси, поврзани главно со ресорите и парите. Во таа смисла тие договори се сведуваат на обезбедување од еден до двајца пратеници на помалите партнери или добивање некое ситно, но добро платено или подложно на мито и државни привилегии, директорско место. Тоа е доволно оружје да им се убие различниот став или глас по кое било прашање.
Не може да се рече дека не се нужни тие коалиции, особено при неизбалансирани изборни резултати, во немоќ да се обезбеди какво–такво мнозинство за одржување климава власт и за функционирање на државната администрација. Само за пример може да се наведе каква е ситуацијата сега во македонското собрание. Социјалдемократскиот сојуз, чисто како СДСМ има 30 пратеници, ВМРО 38, ДУИ 15, Алијанса осум, Алтернатива четири, Беса три.
Според бројките излегува дека двете најголеми македонски партии, ако сакаат, може да формираат доволно убедливо собраниско мнозинство. Тоа под услов да не се на две крваво завојувани страни и да се партии што би ги застапувале интересите на Македонците во Собранието. Несомнено коалициите се нужност, но самите наведени бројки ја откриваат вистината дека со таков број од вкупно 120 пратеници, ниту една од двете најмногубројни македонски партии нема државотворен капацитет да ја води државата во добар правец и по сигурни патеки. Не е Македонија земја што може да одржува рамнотежа со разлика од еден–двајца пратеници од македонска националност, што му дава на албанскиот блок отворено поле за низа сукцесии.
Како со внатрешните, во слична ситуација Македонија е и со надворешните договори. За неа два се клучни: Спогодбата со Грција и Договорот со Бугарија.

Ако се прелистаат електронските архиви на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, ако се препрочитаат нивните изборни програми за претходните изборни циклуси, ќе се види дека ниту кај едната ниту кај другата партија не постои посебен дел, платформа или нешто слично што ќе ја објасни партиската позиција или ќе заземе став по тие прашања.
Нема во СДСМ документ со образложение зошто се прифатени договорите со Бугарија и со Грција, што значат тие, што Македонија добива со нив, а што губи. Ниту пак некаде е напишано како тие ќе се спроведуваат, нема предвидувања какви ќе бидат реакциите на граѓаните и што негативно може да се очекува. Нема ниту збор за Бугарите во Уставот, освен низ устите на Заев порано и на Ковачевски и Маричиќ сега. Во тие документи само во општи црти се спомнуваат настојувањата за непоколебливата определба за НАТО и за ЕУ, за добрососедство и пријателство и ништо повеќе од тоа.
Таму каде што застана Заев продолжи Ковачевски. Неговата партија и сега, кога е најжешко со Бугарија, нема официјален документ како да се спроведува потпишаниот договор. Нема документ во кој таксативно се објаснети, образложени насоките за заштита на македонскиот идентитет, на јазикот и писмото. Нема заклучоци за натамошни постапки ниту на Централниот или Извршниот одбор. Сѐ е сведено на личниот однос на претседателот на Владата, партиските органи се исклучени од овие процеси, членството е отстрането од учество по тој вопрос. Да не беше Резолуцијата поднесена од ВМРО- ДПМНЕ, а изгласана во Собранието Република Северна Македонија ќе немаше никаков државен документ што, колку-толку ќе ги штитеше националните права на своите граѓани, поточно на Македонците.
На крај, за да имам аргумент да се бранам пред тие што секако ќе ме напаѓаат, ќе го посочам примерот при формирањето на последната германска влада. По неколкумесечни преговори е постигнат договор за формирање владејачка коалиција меѓу Социјалдемократската партија, Либералите и Зелените. Пред стапување на власт објавија заедничка книга што, всушност, е нивната договорена коалициска спогодба и владина програма. На нејзините 177 страници се испишани меѓупартискиот договор, владината програма, начините на нејзино спроведување и одговорноста за неспроведување. И одговорностите што партиите ги преземаат за евентуалните грешки.
Што ми е заклучокот? Ако Германците, како вреден народ и политички мајстори, напишале 177 страници, белким може македонскиве мрзливци и политички чираци да напишат барем седум страници да ги види народот.

[email protected]