Министерство за внатрешни работи соопшти дека е расчистен случајот со видеото објавено на социјалните мрежи, на кое се гледа лице како управува скутер на едно тркало и ја загрозува безбедноста во сообраќајот, пренесе МИА.
Од МВР информираат дека полициски службеници веднаш презеле мерки за идентификација на лицето, а по спроведените активности, СВР Штип утврдил дека на 11 мај 2026 година околу 21 часот, на раскрсницата меѓу улиците „Сремски Фронт“ и „Борис Крајгер“ во Штип, 15-годишниот Е.Б. од Штип сторил кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик, како и повеќе сообраќајни прекршоци.
Малолетникот е пронајден и идентификуван, а против него ќе бидат преземени соодветни законски мерки согласно важечките прописи.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да се однесуваат совесно и одговорно и да не изведуваат опасни дејствија со кои се загрозува сопствената, но и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

































