Претседателот на бугарскиот клуб во Битола, Љупчо Ѓоргиевски, по посетата на Брисел, каде што беше со уште двајца истомисленици да бара правда од еврокомесарот Вархеи, на социјалните мрежи порачал: „Македонија во Европа што поскоро, со Бугарите во Уставот како државотворен народ“. Па, така кажи бе, претседателе, кажи гласно да те слушнат од Софија до Брисел. „Државотворен народ“. Па, па, па! Па, што си трошите времето во разни приказни досега и режирате тепачки, палења на свеќарница во Битола, наводни кршења и обивања во Охрид, триста игранки направивте, за на крајот да си кажете. Државотворен
народ?! Ајде де!
Седам и се чудам. Никако да се начудам. Како ли само успеавме да им влеземе во приказнава на Бугарите, како кец на десетка, како клен на дудинка, како појас за спасување. Гледаме и читаме дека се распаруваат по повеќе шевови: финансиско-корупциски скандали, безбедносни потфрлања, пропаднати во расцеп меѓу Западот и Русија, не можат да ги добројат руските „инсталации“ во државните институции, никако да состават влада, нонстоп се менуваат некои „владини техничари“, од денеска немаат ниту собрание, ќе излезат на петти избори за две години, не знаат главата кај им е – ама важно Македонија им е редовна и единствена тема околу која горе-долу се усогласуваат. Ако треба и на леб и вода ќе останат, ама важно сите знаат како требало со Македонија.
Само Македонија е константа во бугарската политика. Еве и вчера, на еден ден пред најновото самораспуштање, бугарското собрание донесе декларација за Македонија. Истото она од фразата „те растурив како бугарско собрание“, која по сѐ изгледа била точна. Оти кога еднаш ќе се растури, бугарско собрание, како она пред две години, веќе никој жив не го составува. Таа задача сега ќе ја добие Галаб Донев, кој издржа 186 дена на функцијата премиер на службената влада, по паѓањето на владата на Кирил Петков. Според информациите од Софија, тој ќе ја предводи и идната службена влада, која ќе ги организира новите избори.
Тоа пак, би значело, преведено на македонски јазик, дека не може да се очекува никаков напредок во политиката на официјална Софија кон Македонија, барем до изборот на новата регуларна влада. Иако ретко кој се сомнева дека некоја нова влада ќе донесе некаков квалитативен исчекор во тој правец.
Но, ајде веќе да ја видиме и таа декларација, таа лебедова песна на сега веќе собранието во расход. Има девет точки, во кои категорично се осудуваат актите на насилство врз Бугарите во земјава, нивните организации и клубови, а особено тешкото дело против Бугаринот Христијан Пендиков. Оп! Прва збунка се јавува на загриженото чело на љубителот на вистината. Од каде Пендиков Бугарин, кога е тој македонски државјанин, само со еден пасош – македонски, за разлика од еден од неговите тепачи, кој имал бугарски пасош, ама тоа Бугарите не го спомнуваат ниту со половина уста.
Течат понатаму деветте софиски заповеди за немирното Македонче, кое, ете, се дрзнало да тепа и да угнетува Бугари. Работи се тоа, веќе слушнати и повторувани кога доаѓаат од Софија. И тука ништо не може повеќе да нѐ изненади. Но, сепак, го остава човека збунет и без зборови таа фасцинација од Македонија, од покажувањето мускули во секоја можна пригода, па дури и кога таквата тирада доаѓа од едно собрание што се распушта во својата тотална немоќ да стори што било за граѓаните на Бугарија, кои на тој начин ги подготвува за петти избори во две години. Ништо од тоа не е проблем, проблем е еден истепан Македонец од страна на човек што се декларирал како Бугарин и проблем се две спорни здруженија намерно провокативно формирани со две имиња за кои однапред сите знаеја дека ќе предизвикаат оправдан револт и противење. Тоа е најголемиот проблем на бугарската држава, та силно се загнаа пратениците да изгласаат декларација.
Инаку, во државата им тече мед и млеко, сѐ им е тамам, само ние им го загорчуваме денот. Нека им биде.
Но, наспроти нивните обланди завиткани во некакви декларации за човекови права и европски протоколи и закони, вистината многу брзо изби на површина и им ги разби нивните флоскули, од таму од каде што најмалку очекуваа.
Имено, претседателот на бугарскиот клуб во Битола, Љупчо Ѓоргиевски, по посетата на Брисел, каде што беше со уште двајца истомисленици да бара правда од еврокомесарот Вархеи, на социјалните мрежи порачал: „Македонија во Европа што поскоро, со Бугарите во Уставот како државотворен народ“.
Па, така кажи бе, претседателе, кажи гласно да те слушнат од Софија до Брисел. „Државотворен народ“. Па, па, па! Па, што си трошите времето во разни приказни досега и режирате тепачки, палења на свеќарница во Битола, наводни кршења и обивања во Охрид, триста игранки направивте, за на крајот да си кажете. Државотворен народ!
Па, што не кажувате вакви работи? Да знаеме, да се подготвиме, да ви излеземе во пресрет, да ви се најдеме, да ви „учиниме“.
А ние пак, од друга страна, се заплеткуваме во административни јазли. Сакаме да ги санкционираме на пример клубовите, ама ако може само малку, колку да не се налутат ск(а)пите пријатели. Еве, за три недели истекува и рокот во кој клубовите во Битола и во Охрид ќе мора да ги сменат имињата во согласност со измените на Законот за здруженија и фондации, откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација поднесе прекршочна пријава. Арно ама, од друга страна, нашите институции никако да се усогласат кој е надлежен да ги смени провокативните имиња на бугарските клубови. Дојдовме дотаму Комисијата да поднесе прекршочна пријава против Министерството за правда за неизвршување законски надлежности.
И после ќе праша некој зошто седам и се чудам. Ете, затоа.