Фото: Пиксабеј

– Петочен ден. Дали да одам на миса или не, прашање е сега. Се досадувам во мојот раскошно опремен кабинет и се мислам. Хамлетовска дилема. Ме нервираат тешкотиите со дишењето. Вријам ама успевам да се контролирам употребувајќи пумпица со лек. На небото се обесиле дождливи облаци. Ех, таа проклета астма! Покрај сите маки, палам цигара. Гнаса од човек, тоа ти е! Знаете, кога човек копнее по малку повеќе кислород, тогаш тоа ви навестува рандеву со смртта.
– Тоа се гревови, Кавалканти – го задира Вилароса. – Еден куп гревови!
Дон Кавалканти ниша потврдно со главата:
– Претпоставено, ти си во право – сериозен, а шеретски. – Ама како јас да имам поголеми гревови од вас другите? Или… можеби Господ ви простил добар дел од прегрешенијата бидејќи сте го поткупиле со некоја паричка?
Одекна силна смеа.
– Нема да го заборавам моментот кога ти и твојата фамилија ме избркавте од Чикаго, Вилароса.
– Остави го сега тоа настрана – поцрвене дон Вилароса. – Имам и јас да зборувам доста за твоите ѓаволштини поради кои заглавив во синг-синг!
Дон Марио Кавалканти го погледна со насмевка на усните, а потоа се замисли. Тој мошне поетски ја започна својата приказна и беше видно среќен поради тоа. Беше навистина чудно за човек што планираше и изведе стотици егзекуции. Сицилија и нејзиното питомо поднебје како да беа негова инспирација.
Стариот гангстер гласно го прочисти своето грло, а потоа запали цигара како за инает на сопствениот инает.
– По ѓаволите, Марио – го прекори дон Вилароса – престани веќе еднаш со сопственото уништување!
– Еве уште еден бисер за прераскажување – се насмеа дон Кавалканти. – Мојот некогашен непријател искажа невидено душегрижништво советувајќи ме да престанам да се убивам!
На столот, тивко предеше касетофон. Смоквите и маслиновите стебла благо се повиваа милувани од топлиот здив на ветрето. Жешкиот воздух ткаеше необични силуети. Сицилија беше западнала во мрзлива атмосфера.
– Во суштина, ѕвонењето на телефонот има две тонски форми – продолжи Кавалканти. – Мека и пријатна кога очекуваме добра вест и морничава кога некој ќе се закани. Мистер Кавалканти, го слушнав милозвучниот глас на мојата секретарка. Њујорк е на линија, ве бара мистер Бруто.
Веднаш го препознав неговиот рапав глас. Впрочем, сите ние посакувавме да го имитираме гласот на дон Корлеоне, но никој не го правеше тоа успешно како дон Бруто.
– Ти си смрдлив твор, Марио! – ми се зададе.
– Што ти е, проклет да бидеш? Што си се накрвавил на мене? – му вратив ни најмалку пријателски.
– Слушај добро – беше избезумен. – Дрско и подмолно си ги прекршил правилата на игра ти стар којоту!
– Дали знаеш што трескаш…?!
– Моите луѓе фатиле на доковите на Њујорк група твои гнаси како истовараат тон прашок. Дали тоа значи дрска анексија на територија што со години ја покрива моето семејство?
– Никакви правила не сум прекршил, Пасквале. Впрочем, значи ли тоа дека ти се сметаш себеси за апсолутен господар на небото, морето и на копното? Сите ние имаме свои слободни зони на доковите од каде што ги преземаме нашите пратки и затоа не знам зашто си го нарушуваш сопственото здравје за вообичаени нешта што не задираат во твојот интерес. Моја препорака е да ги тргнеш твоите прсти од стоката и моите луѓе оти во спротивно ќе си имаш работа со мене!
Од другата страна на слушалката одекна цинична смеа:
– Цркни! За тебе нема слободни зони на доковите, твору. Добро знаеш дека бизнисот нема ни пријателство ни емоции. Убаво да си изброиш парички за престапот што твоите го направиле оти ќе си останеш без половина тон хероин. Во спротивно, ќе треба да те пријавам кај институциите, кои ќе ми ти го скројат така како што не си ни сонувал. Не заборавај, таму има мои луѓе!
– Vai al diavolo, bastardi (носи се по ѓаволите, копиле – итал.)!
– Јас си мислев дека имам работа со сериозен човек, а ти пцуеш ли пцуеш – слатко се потсмевнуваше дон Марио. – Ја сврти си се кон автомобилската и дрвната индустрија или, пак, кон чикашката берза на жито каде што си вистински мајстор. Туку… јас мислам дека ќе ти биде од голема корист мојата препорака да го зграпчиш првиот летачки мустанг и да допатуваш ваму, во Големово Јаболко. Во спротивно, ќе ти ја конфискувам стоката, така да си знаеш.
– Sei un grandefondo, Марио (ти си еден голем крмак, Марио)! Да не си се обидел…
– Како сакаш – рече лежерно Кавалканти.
– Ама не си ти на Куба, па да забрануваш кој и што да прави!
– Ти си знаеш – упорно ме нервираше.
– Кога ќе помислам дека на Сицилија ниту ти ниту твоите немавте леб на софрата…
– Кај тебе беше подобро, секако – имаше иронија во неговиот глас.
– Проклет да си…!

Роберт Торн