
Германските воени амбиции во фокусот на европската јавност
- Берлин сака сериозно да се вооружи, до тој степен што на крајот ќе стане водечка конвенционална армија на Стариот Континент. За само четири години, оваа амбиција ги разби табуата за кои се сметаше дека се непремостливи. За само неколку недели, Бундестагот направи преседан со измена на Основниот закон (кој се сметаше за недопирлив за време на грчката криза!) за да ѝ дозволи на Германија да се задолжи значително за да ги зголеми воените трошоци
Додека очите на целиот свет се вперени кон Белата куќа, неодамнешната презентација во Берлин на документ насловен Општ концепт за воена одбрана, од страна на германскиот министер за одбрана, претставува голема пресвртница за Германија. А со тоа и за Европа. Овој документ од 35 страници ја опфаќа „промената на епохата“ што поранешниот канцелар Олаф Шолц го објави на 27 февруари 2022 година, по избивањето на војната во Украина. Овој воен судир беше повик за будење за Берлин. Степенот на неподготвеност на Бундесверот, во контекст на враќањето на конвенционалното војување на европска почва, ја потресе целата политичка класа. И ја наведе Германија да се откаже, за првпат од 1945 година, од воздржаност во прашањата за одбраната.
Берлин сака сериозно да се вооружи, до тој степен што на крајот ќе стане водечка конвенционална армија на Стариот Континент. За само четири години, оваа амбиција ги разби табуата за кои се сметаше дека се непремостливи. За само неколку недели, Бундестагот направи преседан со измена на Основниот закон (кој се сметаше за недопирлив за време на грчката криза!) за да ѝ дозволи на Германија да се задолжи значително за да ги зголеми воените трошоци.
Оваа нова фискална доктрина сега важи и за другите земји од Европската Унија (ЕУ). Соочена со надворешни закани и „американското предавство“, цела Европа се вооружува. Сепак, постои една фундаментална разлика. Германија, со својот низок долг, има многу подобар финансиски капацитет од сите свои партнери. Може да си дозволи да инјектира илјада милијарди евра за краток период. Инструментите усвоени од ЕУ од 2022 година го поттикнуваат ова општо вооружување, но тие не ја менуваат структурно неговата суштинска национална природа.
Ако оваа логика продолжи, германското вооружување ќе нè одведе директно до асиметрична ситуација во рамките на ЕУ, вклучително и во индустриска смисла, без нужно зајакнување на одвраќачката способност на европскиот блок. Како група од 27, ЕУ веќе троши трипати повеќе од Русија за одбрана, а сепак, без Американците, останува ранлива.
Каде е новиот Жак Делор?
При падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, тројца лидери ја создадоа Европа каква што ја знаеме денес. Жак Делор, тогашен претседател на комисијата, неуморно работеше со Франсоа Митеран и канцеларот Хелмут Кол за да го води неизбежното повторно обединување на Германија. Воведувањето на единствената валута, еврото, и напуштањето на германската марка од страна на Берлин, беше голема противтежа на потенцијално дестабилизирачкото враќање на германската моќ во срцето на континентот.
Во време кога Берлин масовно се вооружува, каква колективна противтежа поставуваме – се прашуваат коментаторите во Франција. Одговорот е никаква. Феноменот „Трамп“ нè спречува дури и да водиме дебата за ова прашање. Француско-германските односи се на најниската точка. Комисијата не е соодветно водена за да се справи со предизвикот. Подемот на националистичките партии го одвлекува вниманието од вистинското прашање: колективната безбедност.
Честопати се смета, со жалење, дека европскиот проект во суштина е економски од воспоставувањето на заедничкиот пазар. Забораваме дека во 1950 година, годината на Шумановата декларација, најголемата грижа за лидерите, во Париз, како и во Берлин и Рим, беше мирот и како да се зачува. Шест земји, шесте основачки членки на Европската економска заедница (ЕЕЗ), се согласија за военото прашање. Толку многу што потпишаа договор, Европската одбранбена заедница (ЕОЗ), со кој се воспостави вистинска европска федерална армија.
Се отвора прашањето за европска одбрана
Договорот беше ратификуван од четири од шесте потписнички. Италија беше бавна во тоа, од тактички и дипломатски причини во врска со статусот на Трст, но беше подготвена да го ратификува. Франција беше таа што, преку гласањето на 30 август 1954 година, ја одложи ратификацијата на договорот на неодредено време. Како и во 2004 година со Уставниот договор, Париз беше и голема инспирација зад европскиот напредок и главна пречка за негова реализација. Со една разлика: договорот не беше формално отфрлен, но неговата ратификација беше одложена.
Дали треба ЕУ да се врати на патот зацртан во 1952 година со ЕОЗ? Ова е она што го верува италијанскиот правник Федерико Фабрини, тврдејќи дека ратификацијата од Рим и Париз би била доволна за рестартирање на проектот. Ова би ги вклучило сите негови протоколи, вклучувајќи го и оној што веќе предвидуваше асоцијација на Обединетото Кралство. Со една голема предност: нема да има потреба од едногласна ратификација од страна на дваесет и седумте земји за рестартирање на машината.
Сепак, овој федералистички сон се соочува со многу посложена пречка од неговата чисто правна димензија. Тоа е политичкото одбивање да се посвети на патот на федерализмот што ЕОЗ имаше намера да го следи. Искреноста нè принудува да се потсетиме дека одбивањето на Франција во 1954 година му дозволи на Париз да развие своја воена траекторија, особено во областа на нуклеарното одвраќањето, но исто така ја зајакна американската контрола врз европската одбрана, спречувајќи ги Европејците да постигнат целосна воена автономија и туркајќи го Берлин во прегратката на НАТО и Вашингтон.
Присилното преоружување на Германија годинава, во време кога Америка е таа што ѝ го сврте грбот на Европа, ризикува да ја остави европската одбранбена индустрија во нејзината фрагментирана состојба, без европскиот блок како целина да успее да се справи со стратешките предизвици што ги поставува нашата нова доба на империи.
Загриженост во Франција
Од другата страна на Рајна, која често ја преминувале германските војски, се поставува прашањето дали Франција треба да биде загрижена.
– Да, но не да ги види германските тенкови како влегуваат во Париз, иако германското вооружување заврши лошо двапати со две светски војни, кои остануваат врежани во нашите сеќавања и во самото битие на генерациите што дојдоа пред нас – гласи одговорот според Доминик, економски коментатор на јавниот сервис „Франс инер“.
Имено, од 1945 година, во француско-германското партнерство, Германија (во голема мера) доминираше економски, додека Франција го држеше политичкото и военото водство. Бон, а подоцна и Берлин, имаше помал воен буџет и, пред сè, постоеше само во рамките на НАТО. Но со масовното вооружување на Берлин, тоа е готово.
Еден ексклузивен домен помалку за Франција. Француските индустријалци се тешат себеси објаснувајќи дека обемот е само еден аспект од воените прашања и дека тие имаат неоспорна технолошка предност, со компании како „Дасо“, „Талес“ и други. Тоа е сосема можно, вели Доминик Со.
Уште една последна поента, во врска со често поставуваното прашање. На хартија, ако ги соберете германските и француските воени трошоци, тоа е приближно еквивалентно на рускиот воен буџет во долари. Сепак, НАТО има 32 членки. Дали е грижата прекумерна?
Се смета дека не е, бидејќи индустриските трошоци се многу пониски во Русија, додека значителен дел од западните воени трошоци одат за плати и пензии, коментира француското радио „Франс интер“ додавајќи: ова потврдува дека споредбите не се секогаш валидни.
Германија е меѓу предводниците во глобалното вооружување
СИПРИ, водечки независен институт во Стокхолм, пресмета дека речиси 30.000 милијарди долари во светот беа посветени на воени трошоци во текот на минатата година. Ова е 11-та година по ред на зголемување. Секако, никој не се сомнева дека овие значителни суми би биле покорисни на друго место, но тоа е се разбира, очигледно, наивна желба. Додека сите региони во светот се вооружуваат, само три земји сочинуваат точно половина од овие глобални трошоци: САД, далеку напред, проследени од Кина, а потоа Русија.
Треба да се напомене дека американските воени трошоци се намалија, но ова е само оптичка илузија: Вашингтон целосно престана да финансира испораки на оружје во Украина; сега Европејците што плаќаат за нив.
Во моментот Германија сака да биде водечка европска воена сила. Таа без изненадување е четврта земја во светот, чии воени трошоци се зголемија за една четвртина на 114 милијарди долари до 2025 година. За споредба, трошоците на Франција се 68 милијарди долари. Берлин очигледно сака да ја преземе позицијата на водечка европска воена сила и ги обезбедува потребните ресурси, се коментира во Франција.
Минатата недела, министерот за одбрана Борис Писториус ја презентираше воената стратегија на земјата, за првпат во историјата на Сојузна Република Германија. Русија е претставена како „најголема закана за мирот и безбедноста во Германија“. Црно на бело.
Политички избор, геостратешко прашање, но и економско: одбранбената индустрија, со нов гигант како „Рајнметал“, може да ги избалансира неуспесите и застојот на автомобилската индустрија. Фабриките дури се пренаменуваат за оваа намена.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































