Македонскиот јазик е завет кој мора да го чуваме, велеше големиот Блаже Конески, кодификатор на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност и култура.
Според Конески, „сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“.
На оваа негова мисла се потсетуваме денеска, на 5 мај, кога се одбележува Денот на македонскиот јазик.
Но да се вратиме назад низ годините и да се потсетиме на значајните датуми.
На 2 август 1944 година, делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај наредната година е усвоена македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на државата – во тоа време Демократска Федерална Македонија, која е во заедница со другите југословенски народи.
Иако одлуката за азбуката како официјално писмо, всушност, е донесена на 3 мај 1945 година, денот на нејзиното објавување e на 5 мај 1945 година во нашиот весник „Нова Македонија“, бидејќи во тоа време не постоел службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки.
По предлог на Советот за македонски јазик, во 2019 година 5 мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик. Официјално тоа се случило на 130. седница на Владата, одржана на 16 април истата година.
Од првите црковнословенски ракописи од 10 век, преку јасно пројавената свест за неговата посебност во деветнаесеттиот век, што кулминира со делото на Крсте Мисирков, па понатаму преку Рацин до Конески, Кепески…, сè до ден-денешен, македонскиот јазик се развива и се збогатува зацврстувајќи ја својата позиција во светското семејство на јазиците.
По повод празникот, во продолжение ја објавуваме песната „Мајчиниот јазик“ на Душко Аврамов, македонски поет за деца (29 април 1938 – 19 јули 1998 г.). Душко Аврамов завршил Виша педагошка школа, а потоа дипломирал на Филолошкиот факултет. Работел како наставник, а подоцна и како новинар во Радио Скопје. Бил член на Друштвото на писателите од 1970 година. Ги објавил книгите „Славејот на одмор“, „Со песни низ оган“, „Ајкулата заби мие“, Има еден убав збор“, „Венец од ѕвезди“, „Ајде да се дружиме“, „Цвет до цвет“ и други.
М.Т.
Мајчиниот јазик
Понежен од песна на славеј во гора,
од прв знак сончев во пролетна зора,
од плисок на далга по езерска шир,
мајчиниот јазик е секому мил.
На тој јазик првпат прозборевме ние,
и песнички првпат запеавме ние,
на тој јазик првпат нѐ повика мама,
цврсто да нѐ гушне, да нѐ бакне сама.
На тој јазик денес, кажуваме ние,
за копнежи наши, за радост, за мака,
затоа, каде и да сме во светот,
мајчиниот јазик е бескрајно сакан.
Автор: Душко Аврамов
Aктивности за ученици
1. Договори се со уште две твои другарчиња и заедно научете по една строфа од песничката наизуст.
2. Во текот на учењето, можете да измерите кој за колку време ја научил строфата.
3. Изненадете ги соучениците и наставничката рецитирајќи ја оваа песничка во одделението.

































