„Големи зборови за мали уши“ – уникатен издавачки проект
- Оваа приказна ја напишав во еден здив. Главниот лик е инспириран од мојот син Виктор, а токму тоа ја прави книгата особено драга за мене. Уште поубаво е што го поттикна и него да почне сам да создава приказни, вели Биљана Стојановска
Трите најнови сликовници од наградуваната едиција „Големи зборови за мали уши“, „Емпатија“ од Биљана Стојановска (илустрации – Орце Нинески), „Бонтон“ од Ванчо Полазаревски (илустрации – Александра Филипоска) и „Иницијатива“, авторско дело на младата Рената Јосифовска, во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, беа промовирани во весела и топла атмосфера, исполнета со детски џагор и насмевки, во рамките на Саемот на книгата, на штандот на „Арс ламина“.
Промоцијата се одржа во присуство на голем број деца и нивните родители, а за книгите зборуваше уредничката на едицијата, Оливера Ќорвезироска, која истакна дека „Големи зборови за мали уши“ претставува уникатен издавачки проект што на едноставен и креативен начин им ги доближува сложените поими на најмладите читатели.
Едицијата неодамна го освои второто место за најдобра едиција меѓу два саема – признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), што дополнително ги потврдува нејзината вредност и значење во современото издаваштво за деца.
Авторката на „Емпатија“, Биљана Стојановска, сподели дека пишувањето за деца е посебен предизвик.
– Оваа приказна ја напишав во еден здив. Главниот лик е инспириран од мојот син Виктор, а токму тоа ја прави книгата особено драга за мене. Уште поубаво е што го поттикна и него да почне сам да создава приказни – рече Стојановска.
Илустраторот на „Емпатија“, Орце Нинески, додаде дека работата на оваа книга била инспиративна.
– Добив прекрасен текст, кој ми овозможи да ги пренесам емоциите на најдобар можен начин. За мене, токму емоцијата е клучна во илустрацијата – смета Нинески.
Авторот Ванчо Полазаревски истакна дека со задоволство ја прифатил поканата да биде дел од проектот.
– Немам проблем да напишам текст по нарачка, особено кога станува збор за едукативно издание. Само зборот беше предложен, а приказната е моја. Првичниот поим го заменив со „бонтон“, затоа што во него пронајдов поголема инспирација. Приказната следи едно семејство, кое не е баш пример за културно однесување – но некој ќе ги доведе во ред – рече Полазаревски.
Илустраторката Александра Филипоска нагласи дека илустрацијата игра клучна улога во разбирањето на приказната.
– Да се илустрира значи да се дообјасни текстот, да стане поразбирлив и попривлечен. Во процесот имав и мала помош од мојата ќеркичка, која даваше идеи за изгледот на ликовите – вели Филипоска.
Авторката Рената Јосифовска за својата книга „Иницијатива“ вели дека многу полесно ѝ било кога илустрира свој текст.
– Идејата за приказната се роди за време на промоцијата на претходните книги од оваа едиција. Кога ги слушнав зборовите што допрва требаше да бидат преточени во сликовници, зборот „иницијатива“ некако ми остана во глава. Седнав и брзо ја напишав приказната. Преку работата на оваа сликовница увидов дека е многу полесно да се илустрира сопствен текст. Иако очекувањата од себе се големи, сепак си оставам простор за имагинацијата да ги доцрта и дообликува сцените и ликовите онака како што сум ги замислила – рече авторката.
Покрај најновите три изданија, едицијата опфаќа вкупно десет сликовници, меѓу кои се: „Градоначалник“ од Илина Мангова (илустрации – Александар Сотировски), „Идентитет“ од Калина Малеска (илустрации – Рената Јосифовска), „Непотизам“ од Иван Дричко (илустрации – Здравко Гиров), „Предрасуди“ од Владимир Мартиновски (илустрации – Јована Ристоска), „Традиција“ од Елизабета Баковска (илустрации – Александра Филипоска), „Дипломатија“ од Горица Атанасова-Ѓоревска (илустрации – Здравко Гиров) и „Екологија“ од Фросина Пармаковска (илустрации – Александар Сотировски).
Целта на едицијата е преку кратки, топли и разбирливи приказни од секојдневието да им помогне на децата полесно да ги разберат „големите“, на прв поглед сложени зборови што често ги слушаат од возрасните. Со тоа, книгите не само што го збогатуваат нивниот речник туку и ги подготвуваат за светот што ги очекува. Проектот почна во 2024 година, а денес прераснува во препознатлива и наградувана едиција.
М.T.

































