Фотографии: ООУ „Александар Македонски“

Писателката Биљана Стојановска беше гостинка во ООУ „А. Македонски“ во Скопје

Поетесата и писателка Биљана Стојановска, по повод Денот на книгата, 23 април, беше поканета да биде гостинка во ООУ „Александар Македонски“ во скопската општина Аеродром, каде што ја презентираше својата книга за деца „Потрага по храброст“ пред учениците од сите први одделенија.
,,Потрага по храброст“ официјално е на листата за изборни лектири за наставата во второ одделение во основното образование. Илустрациите се на уметникот Владимир Лукаш, а издавач е „Чудна шума“.
– Денес нашето училиште ѝ беше домаќин на писателката Биљана Стојановска, која им донесе вистинска магија на учениците преку својата книга – „Потрага по храброст“. Со топол и инспиративен пристап, авторката ги воведе децата во свет исполнет со предизвици, другарство и најважно – храброст. Учениците со внимание ја следеа приказната, поставуваа интересни прашања и активно учествуваа во разговорот, покажувајќи дека книгата навистина допре до нивните срца. Преку оваа средба, уште еднаш се потврди дека книгите се прозорец кон нови светови, а храброста – нешто што секој од нас го носи во себе. Благодарност до Биљана Стојановска за прекрасната дружба и инспирација и со нетрпение очекуваме нови средби исполнети со приказни – велат од ООУ „Александар Македонски“.
Најмладите, инспирирани од приказната за храброста, нацртаа прекрасни цртежи, но и се обидоа да создадат свои стихови.
Стиховите од песната „Храброст“ се напишани од учениците на самиот час. М.Т.

Храброст

Видов змија и не се исплашив,
паднав од велосипед и не плачев,
бев на забар и не пуштив глас,
ми ставија инјекција
и не пуштив солза,
бев сам дома и не ми беше страв,
се разбудив среде ноќ
и не ја повикав мама.

Силно се удрив кога играв фудбал
и не пуштив солза,
мама ми рече: браво
тато ме зеде в раце.
Ми е страв да се возам со жичница,
ми е страв да летам
јас само посакав да бидам храбра,
не знам дали бев.

Храброст е кога плачеш
зашто те боли
храброст е и кога се смееш,
а те боли,
храброст е да направиш нешто
што никогаш не си правел,
кога во срцето носиш страв,
ама стравот не ти може ништо.

Стиховите се на младите автори:
Сара K. 1-3, Mалена 1-3, Илина 1-3, Уна, Марин, Михаил С., Вања 1-1,
Дафина 1-2, Ина, Хана 1-2, Андреа М. 1-2, Теон 1-1, Анисуа Н. 1-1,
Марко Г. 1-1, Ева 1-1, Ивона 1-2,
Дамјан 1-1, Стефан 1-1, Јана Б. 1-1


За авторката

Биљана Стојановска е родена во 1984 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.
Во 2015 година ја објави својата прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“.
Добитничка е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“). Ова дело беше во најтесна конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат „Струшките вечери на поезија“.
Нејзината трета книга „Додека спиеш“ излезе во 2024 година во издание на „Чудна шума“.
„Додека спиеш“, исто така, беше во најтесна конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезија“.
„Потрага по храброст“ е нејзината четврта книга, наменета за деца, со илустрации на уметникот Владимир Лукаш, во издание на „Чудна шума“ (2024).
Министерството за образование годинава ја стави оваа книга на листата за изборни лектири за второ одделение во основното образование.
„Емпатија“ е книга за деца објавена во 2026 година во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, како дел од едицијата „Големи зборови за мали уши“, чиј уредник е писателката Оливера Ќорвезироска. Илустрациите се на Орце Нинески.
Едицијата „Големи зборови за мали уши“ го освои второто место за најдобра едиција меѓу два саема – признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Поезија на Стојановска е преведена на англиски, германски, кинески, српски, хрватски, полски, словенечки, албански, грчки јазик, а застапена е и во повеќе македонски списанија за литература и во антологии.